Во рамките на одбележувањето - 12 години УГД, ректорот потенцираше дека се продолжува со финансирање на голем број научни проекти и со стипендии за најдобрите 105 студенти на УГД.
- Доделуваме вкупно 105 стипендии. Тоа е во рамките на Универзитетот и има значителна бројка на стипендии кои се обезбедени од бизнис заедницата. Вкупно ќе дојдеме до бројката од 200 стипендии. Во овој момент станува збор за покривање на партиципацијата на студентите, но компаниите не се обврзани само со партиципација, некои од компаниите тоа го прават и со годишни стипендии за суми кои самите ги одредуваат - изјави ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.
Воедно и оваа година продолжува поддршката на професорите и истражувачите на УГД кои имаат на раасполагање Фонд за наука кој е обезбеден, исто така, од страна на Универзитетот, но и од бизнис секторот. Во текот на изминатите години се финансирани голем број научни проекти изработени од страна на професори и истражувачи на УГД. Промоцијата на Фондот за наука и стипендиите беа во рамките на прославата - 12 години Универзитет „Гоце Делчев“.
Централната манифестација е утре (27 март 2019) пред и во Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип. Настанот започнува во 10 часот.