„Структурни модификации“ изложба на скулптури на доц. д-р Слободан Милошески

Во галеријата на Прима центар во Берлин, на 28.6.2019 година (петок) со почеток од 19.30 часот, ќе биде отворена изложбата на скулптури насловена „Структурни  модификации“ од авторот Слободан Милошески.

Скулпторските дела претставени на оваа изложба концепциски се повеќе димензионално поврзани и претставуваат процес во тек, при што тие заеднички си потпомагаат во истрајноста на просторното коегзистирање. Секоја единка поставена е во однос на опкружувањето како елемент на комуникација,  своевиден реквизит на уметничката акција. Овие уметнички дела се богати со неисцрпни енергетски потенцијали во изразување на субјективната визија. Во нивната затворена или отворена морфологија доследно е донесена  компактната карактеристика на линиска цврстина и рационализам во изведбата - вели естетичарот Трајче Стојанов во својата критика по повод оваа изложба.

Слободан Милошески дипломирал на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на одделот Вајарство, а магистрирал на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторирал на Национална уметничка академија во Софија, Р. Бугарија, на Катедрата за скулптура. Досега има реализирано 19 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 60 групни изложби во земјава и во странство. Добитник е на 13 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и во 2014 година, како и наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“, исто така доделена од ДЛУМ во 2014 год.

Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во простор меѓу кои: скулптури на Живко Чинго и Ристо Шишков, спомен-облежјето на Првото заседание на АСНОМ, скулптури на Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Муза (наменета за фасада на објектот „Стар театар“), како и две скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР.

Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како доцент на Ликовната академија во Штип.

Изложбата ќе биде отворена до 12.7.2019 година.

Последен пат изменето на Среда, 26 Јуни 2019 14:13
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…