Проректорот Џидров учествуваше на онлајн дебата за влијанието на пандемијата на високото образование

Проректорот за настава на УГД, проф. д-р Мишко Џидров, учествуваше во првата дебата од серијалот Корона онлајн дијалози за влијанието на новите предизвици од пандемијата врз повеќе процеси во општеството.

Главни говорници во првата тема „Влијанието на пандемијата врз високото образование“, покрај министерот за образование и наука, Арбер Адеми, беа ректороте на УКЛО, УКИМ и УЈИЕ, Сашо Короновски, Никола Јанкуловски, академик Абдулменаф Беџети и проректорот од УГД, Мишко Џидров.

Во отворената дискусија фокусот и за студентите и за професорите беа повеќе актуелни прашања меѓу кои перспективите на онлајн образованието во класичните универзитети, одржливоста на универзитетските буџети, уписите и јунската испитна сесија.
Министерот Адеми, кој одговараше на прашања од професорите и студентите во врска со јунската сесија, вели дека одредбата за полагање  колоквиуми и испити треба да се толкува во согласност со автономијата на универзитетите, нивните технички услови и спецификата на студиските програми. Универзитетите флексибилноста ја гледаат од аспект на исклучителна одговорност и строго почитување на протоколите. Неподелени се во мислењето дека овие активности се остварливи само во координација со студентите и надлежните установи и велат дека строго се придржуваат до препораките и мерките.

- Предизвици имаше и предизвици сѐ уште ќе има. Според него, УГД размислува и за развивање програма на далечина и сѐ поголема употреба на овие алатки во редовната настава, иако според одредени анализи, тешко е да се предвиди кога кризата ќе заврши и кога наставниот процес целосно ќе се нормализира. По однос на јунската сесија претпоставките одат во насока дека испитите ќе се спроведуваат во предавалните, но сепак, сето тоа зависи од ситуацијата со Корона вирусот во нашата држава. Имаме создадено услови да се вратиме во предавалните, ако не, ќе ги чекаме сите препораки од нашето министерство и ќе видиме како ќе се одвива целата ситуација Потребна е стратегија со која ќе се знае како да се одговори на предизвиците во иднина и доколку нѐ очекува нов бран мора да бидеме подготвени, но и да се искористи моментот на присутвото на технологијата во наставата – изјави проф. д-р Мишко Џидров.

Ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски, смета дека допрва доаѓаат промените во универзитетите, ние сега буквално реактивно се однесуваме, на акцијата одиме со реакција, без стратегија, бидејќи никој во светот не го предвиде вирусот и добра е таа реактивна улога, со која гледаме да санираме.

За ректорот на УЈИЕ, академик Абдулменаф Беџети, останува дилемата колку  студентите успеваат да бидат активни и да се унапредува нивното знаење. Анкетата вели дека студентите се многу задоволни, но доколку наредните академски години им се нуди онлајн образование, тие се изјаснувааат за класична настава, велат дека ова се вонредни околности, кога не може поинаку, сепак добро е што е воведено и што се остварува. Тој ги потврди ставовите на министерот Адеми дека традиционалното, конвенционалното предавање не може никој да го замени како академскиот процес.

Во врска со јунската испитна сесија и анализите кои се спроведуваат со професорите и студентите, според ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, треба да се да се види во кој правец одиме и дека без согласност на студентите не треба да се носат заклучоци и не гледа посебна пречка во јуни испитите да се изведуваат со строго почитување на превентивните мерки, со надеж дека целата ситуација ќе се релаксира. Тој оценува дека меѓусебната соработка со МОН и  универзитетите треба да продолжи и со тимска работа ќе се добијат најдобри заклучоци и ќе се изгради најсоодветна стратегија која е неопходна.

Од дијалогот произлезе и заклучок за неопходно градење заедничка стратегија во високото образование, а редовната соработка и комуникација ќе се оживотвори веќе наредната недела со одржување на Интеруниверзитетска конференција на којашто ќе се отворат повеќе стратешки и други прашања од заеднички интерес.

 

Последен пат изменето на Понеделник, 11 Мај 2020 10:39
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…