Професорите на УГД: Онлајн испитите можат да бидат објективно оценети

Во време на ковид 19 Универзитетот „Гоце Делчев“ беше меѓу првите високообразовни институции во државата што бргу се адаптираше на новонастанатата ситуација. Благодарение на тоа што претходно имаше поставено база од информатички систем, УГД се приспособи и почна со онлајн предавања многу кратко по прекинот на физичката настава.

Природно, Факултетот за информатика, заедно со ИТ одделот на УГД, беа лидери во ова и за тоа разговаравме со проф. д-р Александра Милева од овој факултет. Во рамките на УГД има и други професори, од други факултети, кои претходно самоиницијативно ја користеле информатичката технологија за да бидат поблизу до своите студенти, како што е проф. д-р Фиданка Трајкова од Земјоделскиот факултет со која исто така разговаравме за предизвиците на онлајн наставата.  

Апликацијата Microsoft Teams и Office 365 е основа на која Универзитетот ги базираше своите предавања. Професорката Трајкова вели дека оваа апликација ја користела уште пред појавата на корона кризата.

  • Microsoft Teams почнав да го користам со креирање на тим како PLC (Professional Learning Community) на сопствена иницијатива и од љубопитност, во моментот кога апликацијата стана достапна. Кога го креирав тимот сметав дека таков тип на тим ќе биде соодветен за моите потреби. Првична проба на креираниот тим за наставни цели направив на 7.10.2019 г. со студентите на дисперизираните студии на Земјоделски факултет во Прилеп. Онлајн можноста за предавања и консултации во периодот пред корона кризата беше добра за студентите на ЗФ во Прилеп. Поради физичката далечина некогаш се случува да имаме празник во денот за предавање, мое отсуство поради други службени обврски или недостаток на време за одредена активност, па онлајн предавањата и консултациите преку Microsoft Teams беа одлично надополнување на класичните екс-катедра предавања. Во март дојде ковид-19 кризата и веднаш со прекинување на физичката настава на 17 март 2020 г. почнав во онлајн настава без никакви проблеми, бидејќи начинот на организација на ваков тип предавања ми беше познат и јасен. Набрзо Microsoft Teams стана и официјален медиум за онлајн настава на УГД - вели проф. д-р Трајкова.

Апликациите на Мајкрософот се имплементираа на целиот Универзитет за онлајн настава преку Факултетот за информатика и Одделот за информатичка технологија кои ги имаа знаењето и ресурсите, притоа решаваа дел од проблемите кои се јавуваа тековно.

  • Во разговор со колегите од ИТ центарот на УГД (посебна благодарност до колегата Јордан Тиквешански поради неговото залагање), увидовме дека апликацијата Microsoft Teams во тој момент ни беше најдобар избор, бидејќи можевме бесплатно да ја користиме, можевме да креираме колку сакаме тимови како виртуелни училници, со различен број на студенти, без притоа да се грижиме за техничката поддршка во позадина. Не моравме да купуваме скапи сервери и мултимедијална опрема. Наједноставното решението беше пред нас, требаше само да ја инсталираме апликацијата на нашите компјутерски системи или мобилни телефони, или дури ни тоа, едноставно да ја користиме преку кој било веб-прегледувач. Секако, ова беше можно бидејќи нашиот Универзитет ги користеше пакет услугите на Microsoft Office 365 и сите вработени и сите студенти имаа своја универзитетска корисничка сметка, со која можеа да пристапат на Microsoft Teams. На крај, требаше да има камера и микрофон, па со добра интернет врска и желба за работа, наставата можеше да продолжи. Адаптирањето беше доста брзо. На пример, моето последно предавање по Компјутерски мрежи го одржав токму на 17 март и веќе наредниот вторник, на 24 март, продолжив со онлајн настава - вели проф. д-р Александра Милева од Факултетот за информатика.

Сите предавања, вежби и останати активности кои се одржуваат онлајн се снимаат, па така стануваат достапни и за студентите кои во моментот не можат да пристапат или пак од различни причини сакаат да го следат часот по вторпат.

Објективното оценување во онлајн услови е можно

Според двете професорки најголем предизвик со кој се соочиле е оценувањето, но тврдат дека со добра организација тоа не би требало да претставува проблем. Нивното искуство говори дека оценувањето се спровело со максимална објективност, слична на онаа во живо.

  • Еден од проблемите што се наметнува во онлајн наставата е реалното и објективно оценување. Имаше многу критики по социјалните мрежи дека ваквиот начин на настава, испитување и оценување е неквалитетен и нереален. Според мене, овие тврдења се само делумно точни. Зошто? Затоа што квалитетот на наставата и објективноста на оценување и во реални услови зависат од професорот и студнетите. Наставниот процес е двонасочен – квалитетот и искреноста зависат од двете страни, а студентите многу лесно препознаваат кога сте на нивна страна, и кога сте правични, и кога сте строги со право. Во однос на објективноста на тестирањето – тоа е секогаш возможно да се постигне, без оглед на начинот на спроведување, но бара многу поголем ангажман од страна на професорот. Пример, во многу земји за голем број испити и тестирања се корисити принципот „open notes, open books“, што значи дека студентот на испит може да си донесе сѐ од книги, белешки и помагала. Но тоа значи дека професорот мора да работи многу повеќе за даде индивидувални задачи за секој студент што нема од каде да препишат или да копираат. Мислиме дека интернетот има одговор на сите прашања, но не е така – интернетот има одговор на поединечни прашања – анализа, синтеза и дедукција може да прави само човечкиот мозок. Ваков тип на задачи добија моите студенти за првиот колковиум и се покажа дека не е воопшто лесно и едноставно да ги освојат максималните 20 поени, иако има време од една недела за самостојно сработување на задачите. За вториот колквиум бев малку поблага во изборот на тестирање, па добија класичен онлајн тест во избор на точен одговор од повеќе понудени одговори. И тука се покажа точно правилото – дека тие што учат покажаа одличен успех, тие што не учат освоија минимални поени, иако беа во домашни услови без директен надзор - вели проф. д-р Фиданка Трајкова од Земјоделскиот факултет при УГД.

Сличен став дели и професорката Александра Милева од Факултетот за информатика. Дури и таа на почетокот била скептична околу објективното оценување, но подоцна воспоставиле соодветна методологија за фер оценување.

  • Лично и јас ги одолжував колоквиумите, со надеж дека до јуни ситуацијата ќе се среди. Сепак, на крајот сите спроведовме онлајн полагање на колоквиуми и испити, и со малку повеќе труд од страна на професорите се покажа дека колоквиумите може да бидат објективни. На пример, за предметот Компјутерски мрежи го користев Cisco Packet Tracer, како и повеќето алатки од оперативниот систем (Windows како опција) кои се неопходни за работа на еден мрежен администратор. Студентите имаа и практичен дел за полагање на овој предмет и секој од нив поединечно требаше да го сподели својот екран со дадените апликации и да ми демонстрира практично што знае за тоа што сме учеле. Тој колоквиум траеше подолго, бидејќи студентите, по претходно утврден распоред, требаше да го чекаат својот ред, но, сепак вредеше, бидејќи мислам дека тие се здобија со повеќе практични знаења, а јас со пообјективно оценување - вели професорката Милева.

Онлајн наставата сепак има и одредени недостатоци

Двете професорки посочуваат на одредени проблеми и недостатоци и во онлајн учењето. Невозможно е да имате процес во кој нема да има одредени недостатоци. Професорката Трајкова вели дека недостасува физичкиот контакт кој го дава тоа чувство на припадност кон заедницата.

  • Најголемиот недостаток на учењето на далечина е отсуството на личниот контакт. Студирањето и работата на факултет значат припаѓање кон една заедница. Во академијата има еден теримин „alma mater“ - во преносен смисол „универзитет каде што сум дипломирал“ или „универзитет на кој му припаѓам“. Припаѓање или „alma mater“ е возможно само ако се чувстуваме како дел од таа заедница – со присуство, споделување, помагање, натпревар, колегијалност – градање на сите позитивни и помалку позитивни човечки чувства... Понекогаш, најважниот дел од секојдневието на факултет, и за студентите и за вработените, е заедничкото кафе со колегите - вели проф. Трајкова.

За професорката Милева, пак, најголем предизвик е како да се одбере соодветната методологија и да се задржи вниманието на студентите онлајн.

  • Возраста има влијание кога станува збор за користење на нови технологии, и верувам дека како и сите други ИТ технологии и оваа платформа би била потешка за користење на повозрасните професори, кои си имаат свои утврдени методи и начини на предавање, и тешко се привикнуваат на ново. Всушност, поголем предизвик е како правилно да се изведува онлајн наставата и онлајн полагањето, каква методологија да се користи, како да се зачува вниманието на ученикот или студентот за време на целиот час, како тие да се активираат повеќе во наставниот процес, како да се добие пообјективно оценување и сл. Овие прашања се тековен истражувачки проблем на многу педагози, психолози и истражувачи од други области во целиот свет - потенцира проф. Милева.

Системот кој угд го гради со години им се нуди на располагање на другите високообразовни институции

Во секој случај, УГД е светол пример за тоа дека ангажманот на многумина може да доведе до справување и на најголемите предизвици кои се пред нас. Создавањето на системот кој денес се користи е резултат на долготрајна работа на многу луѓе претходно, затоа денес сите бргу се вклопиле во целиот систем.

  • Според разговорите со колегите и студентите, сите брзо се вколопија во овој начин на работа, без посебни тешкотии, точно поради фактот дека УГД од основањето користи многу дигитални алатки во секојдневната работа. Според мене, предавањата воопшто не „трпеа“ во однос на нивното одржување и квалитет. Тука морам да го спомнам визонерството на првиот ректор на УГД, проф. Саша Митрев, кој ги постави основите на овие дигитални алатки и изгради систем на универизтетски дигитален сервис уште од неговото основање - истакнува професорката Трајкова.

Универзитетот не само што е пример за онлајн настава, туку професорите, особено од Факултетот за иформатика и Одделот за ИТ им го ставаат на располагање своето знаење и искуство на другите образовни установи со цел да помогнат во воспоставување на подобар систем кој несомнено ќе биде многу користен во иднина.

  • Факултетот за информатика може да им помогне во обуки на професорите и наставниците за организирање на успешна онлајн настава и за креирање на добри онлајн наставни содржини по различни предмети. Уште повеќе, во соработка со Педагошкиот факултет при УГД може да помогне и во дефинирањето и тестирањето на новите методологии за изведување на онлајн наставата - потенцира професорката Милева од Факултетот за информатика.

Сите професори се согласни дека корона кризата ги стави на тест образовните институции и сите останати сегменти на живеење. Универзитетот „Гоце Делчев“ , иако е голема и комплексна институција, во оваа корона криза покажа дека е подготвена да ги дочека промените и бргу да се адаптира на нив

Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…