Работилницата под наслов „Иднината на универзитетскиот спорт - каде ја гледаме и што научивме досега од ковид 19?“ се одржа на 29.1.2021 година, преку платформата Microsoft Teams. На работилницата учествуваа повеќе од 25 претставници од исто толку универзитети, факултети за спорт и физичко образование, спортски центри и институти за спортски истражувања од повеќе од 15 земји од Европа, Јужна Америка и Јужна Африка.
На истата беа дискутирани прашања кои се однесуваат на развојот на универзитетскиот спорт во услови на КОВИД 19: Што научивме од пандемијата од аспект на онлајн спортските активности? Како универзитетите можат да го поттикнат и поддржат здравиот и активен начин на живот кај студентите во услови на пандемија и онлајн учење? Како да креираме студиски и предметни програми кои ќе го поттикнат интересот за спортски активности? Покрај дискусиите на наведените теми, основната цел на работилницата беше да се идентификуваат основните цели на спортот и физичката активност на универзитетите, да се идентификуваат заедничките интереси на различни универзитети и да се формира мрежа која во иднина ќе соработува, истражува и поттикнува активности во различни сегменти поврзани со спортот на универзитетите.
УГД беше претставуван од страна на проректорот за настава, проф. д-р Мишко Џидров, како претседател на УСКЦ, вон. проф. д-р Билјана Попеска, раководител на УСКЦ која беше и модератор на работилницата и вон. проф. д-р Деспина Сивевска, која се вклучи во дискусијата во сегментот кој се однесува на улогата на Универзитетот во организацијата на слободното време на студентите, вклучително и спортските активности во слободно време. Проф. Попеска ја истакна потребата од спортски и рекреативни активности на универзитетите, со посебен акцент на значењето на физичката активност за време на студените во креирање на долготрајни навики за активен и здрав начин на живот. Во рамките на презентацијата на досегашните искуства и активности на Универзитетскиот спортски и културен центар при УГД, посебно се осврна на потребата за вклучување на активности од масовен спортско-рекреативен карактер и активности насочени кон унапредување на здравјето. Проф. Џидров ја истакна потребата од адаптација на новонастанатите услови и потребата за реорганизација на наставничкиот процес, кој вклучува и реорганизација на условите и начинот на реализација на наставата по Спорт и рекреација и спортските активности на Универзитетот. Притоа, истакна и дел од активностите кои се подготвуваат за студентите за периодот кој следи.
Слични искуства и примери од пракса, модификации на предметни програми и активности беа споделени и од претставниците од неколку универзитети од Унгарија и Бугарија. Дискусијата од сите учесници овозможи идентификација на клучните сегменти во делот на универзитетскиот спорт на кои во иднина ќе се работи: онлајн програми и имплементација на дигитални алатки во програмите по спорт и рекреација; здрави, активни и одржливи универзитетски кампуси; интервентни програми во услови на КОВИД 19; афирмација на активностите на отворено и на организирани активности во слободното време во рамките на животот на универзитетот.