Катедрата за танц на УГД доби „дом“ во Домот на АРМ во Скопје

Катедрата за танц при Филмската академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип доби сопствен простор кој ќе овозможи многу подобри услови за реализација на студиската програма, на која интерес за студирање има и од студенти од странство. Министерството за одбрана ѝ отстапи дел од просторот на Домот на АРМ - Скопје на Филмската академија при УГД, со што Катедрата за танц доби свој дом.

- Како Универзитет се трудиме нашите студенти да имаат извонредни услови, се раководиме по европски стандарди. Од оваа година ја интернационализираме програмата, веќе имаме странски студенти. Програмите одат на англиски јазик, а отвораме и мастер студии на кои имаме пријавено студенти од регионот и пошироко – изјави Рисима Рисимкин, деканка на Филмската академија и основач на Катедрата за танц.

На предавањето на просторот на користење на УГД и Филмската академија присуствуваа и проректорите на УГД, проф. д-р Мишко Џидров и прод. д-р Дејан Мираковски, кои истакнаа дека ова е во насока на поддршка на стратегијата за интернационализација на Универзитетот „Гоце Делчев“, а дека со овој простор, преку соработка на повеќе институции, дури и во  ваков период на криза може со малку средства да се направи многу убав простор кој ќе можат да го користат и сегашните и идните студенти.

- Катедрата за танц на Филмската академија на УГД нуди уникатна едукација, продуцира танчари, а со вториот циклус на студии, студиите за кореографија и педагогија, како и со внесувањето на „урбаните стилови“ во универзитетската едукација, целта е да станеме европски центар - вели Рисима Рисимкин.

Предавањето на просторот од Домот на АРМ во Скопје на УГД се случи за време на „Скопје танц фест 2021“, на кој одлични настапи имаа студентите од Катедрата за танц.

Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…