Библиотеката на Филолошкиот факултет е побогата за личната колекција книги на проф. д-р Живко Цветковски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Професорот Цветковски, кој е член на Управниот одбор на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“, се определил неговата лична библиотека да биде донирана на Филолошкиот факултет при УГД, односно на Катедрата за македонски јазик:
-Оваа година имаме два јубилеја – 100 години од раѓањето на Блаже Конески и 20 години од постоењето на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“. Во нашата програма имаме зацртано три работи: најдостоинствено да се оддолжиме на ликот и делото на Конески, да го зачуваме и продолжиме неговото дело. Фондацијата има 20 години богата издавачка дејност и нејзините изданија се достапни и овде на УГД. Проф. д-р Живко Цветковски како член на УО на Фондацијата се определи неговата лична библиотека да биде донирана во УГД, на Катедрата за македонски јазик. И трето, Фондацијата, според нејзините програмски определби, се определува нејзините активности да бидат оваа година одржани во повеќе места во државата, и ова е конкретен пример. Ова е потврда на конкретен, непосреден и достоинствен начин зборот на големиот Блаже Конески да допре до најмладите. Тоа го потврдува и оваа донација – изјави Атанас Конески, секретар на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“.
- На наше големо задоволство, ценетиот професор д-р Живко Цветковски одлучи да ни ја подари неговата лична библиотека и со тоа нѐ задолжи да се грижиме и понатаму за македонскиот јазик, за литературата, и да го негуваме како што и досега сме правеле, но сега ќе имаме поголем број на публикации кои и тој ги користел во своите истражувања. Сега ние како наставнички и соработнички кадар, но и студентите ќе ги користиме. Ако ние не си го негуваме јазикот во ова време-невреме тогаш не можеме да очекуваме дека другите ќе го сторат тоа за нас. Професорот Цветковски денес навистина нѐ почести и ни укажа дека навистина сме на добар пат и ќе продолжиме така – изјави деканката на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Драгана Кузмановска.