(Видео) Отворена Годишна изложба на Ликовната академија

Ликовната академија при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип по првпат организира Годишна изложба на студентите од насоката Класично сликарство. Ваква изложба се организира по првпат, бидејќи годинава завршува првата генерација студенти запишани на овие студии. Според деканката на Ликовната академија, проф. д-р Катерина Деспот, Годишната изложба ќе стане традиција:

- Ова е завршна изложба на студентите од четврта година, но и годишна за студентите од другите години, од предметите Цртање, Сликање и Сликарска технологија. Ќе биде претставена нивната работа под менторство на различни професори кои им предавале во изминатите четири години. Покрај оваа изложба, која ќе стане традиционална, студентите за два дена изложуваат на уште една изложба, а нивните дела ги има и на изложбите низ Македонија. Ги покануваме сите заинтересирани, па и средношколците, да ја посетат оваа изложба која ќе трае една недела и воедно да им најавам дека од наредната академска година на Ликовната академија ќе има уште една студиска програма - Вајарство, покрај студиската програма Класично сликарство. Обезбедени се професори, целата студиска програма Вајарство е покриена од секој аспект.

- Оваа година излегува првата класа студенти кои завршуваат Класично сликарство на Ликовната академија, под менторство на професорите од Русија. Се надеваме дека плодовите се солидни, ако гледаме од тој процес на школско, класично сликарство, изучување на сите правила и закони, елементи и принципи во ликовната уметност. Се надеваме на поголема заинтересираност за изучување на уметноста, затоа што ние иако сме класична програма, опфаќаме повеќе правци и стилови – изјави Пеце Пандевски, студент во четврта година на насоката Класично сликарство на Ликовната академија.

Изложбата ќе биде отворена една недела и е поставена во просториите на Ликовната академија при УГД (поранешен Работнички универзитет).

Последен пат изменето на Понеделник, 06 Јуни 2016 16:32
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…