Изложбата беше отворена од академиците при Академијата, претставници од Универзитетот во Загреб и од ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев. Претседателот на МАНУ, академик д-р Таки Фити, на отворањето ја истакна својата благодарност до Универзитетот „Гоце Делчев“ и до ректорот за донесувањето на оваа изложба во Македонија.
Во оваа пригода би сакал да изразам благодарност до претставниците на Амбасадата на Хрватска во Македонија и до ректорот Блажо Боев за тоа што ни овозможија ние во Македонија да имаме можност да ја видиме оваа изложба овде. Академијата е отворена за таков вид на соработка и во иднинаистакна на отворањето претседателот на МАНУ, академик Таки Фити
Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. д-р Блажо Боев, истакна дека оваа изложба е од големо значење за минералогијата на Македонија и ја покажува соработката на македонските научници со научниците во Хрватска.
Ова е како резултат на една соработка што УГД ја има со Универзитетот во Загреб, од една страна, и со Хрватската академија на науките и уметностите и со Природно-научниот музеј во Загреб, од друга страна. Станува збор за фотографии од нашите терени, од нашите етнолошки, етнографски моменти кои постојат во последните 100 години во Македонија. Тоа се фотографии кои се направени од хрватски истражувачи кои престојувале во Македонија во последните 100 години. Ова е исклучително значајна соработка на УГД со овие институции и се надевам дека оваа соработка ќе ја продолжат многу млади истражувачи од двете земјиистакна ректорот Боев
Изложбата е поставена во фоајето на Македонската академија на науките и уметностите во Скопје и таму ќе биде три месеци, потоа се сели во Академијата на науките и уметностите во Хрватска. Откако ќе се врати во Македонија, дел од изложбата ќе биде поставена во просториите на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Покрај ректорот на УГД и претседателот на МАНУ, на отворањето на изложбата свои обраќања и пофални зборови за соработката на сите овие институции имаа и академик Глигор Јовановски од МАНУ, академик Владимир Берманец и проф. д-р Владимир Зебец од Загрепскиот универзитет и Природно-научниот музеј во Хрватска.
Македонија низ искуствата на загрепската минералошка школа