Многу значења на поимот „гаргара“, едно објаснето!

„Наративна симбиоза на транстекстуални приказни за македонскиот егзодус, за геноцидот и „лингвоцидот“ на шовинистичките елити врз помалубројните етнички групи и народи, за тиранијата на недемократската власт врз индивидуата, како и за загубените и (не)пронајдените љубови. На ваков начин e опишан романот на Игор Станојоски со наслов „Гаргара“ што беше објавен во 2014 година

Во 2004 година непосредно пред Портокаловата револуција, Орест, главниот лик во романот, отвора подземно кафуле во западноукраинскиот град Лавов. Го нарекува Гаргара според името на кафулето што постоело во 1963 година на истото место. Старото кафуле во 1963 година исчезнало под неразјаснети околности. Од него останала само Книгата за пофалби и поплаки, која содржи два автобиографски раскази. Орест заедно со својата пријателка тргнува во ризична потрага по авторите на расказите во Книгата за пофалби и поплаки и истовремено се обидува да го расветли мистериозното исчезнување на кафулето во 1963 година.

Преку низа испреплетени приказни за љубовта, општеството, украинската култура и политичка состојба, Станојоски стигнува и до прашањето за поимот „гаргара“.

Потеклото на поимот доаѓа од 16 век, од француското gargouiller  што буквално значи „балонче“ во грлото“. Според дигиталниот речник на македонскиот јазик, зборот „гаргара“ е плакнење на устата и грлото со вода или со лековита течност. Употребата му е во разни медицински контексти.

Некои, како што самиот автор изјави на промоцијата на неговиот роман во едно штипско кафуле, го перцепираат поимот „гаргара“ во еротски контекст.

За Станојоски, сепак „гаргара“ е нешто сосема поинакво.

Токму затоа, на првата страница од книгата за пофалби и поплаки во „Гаргара“ Иван Володимирович ќе запише: „Во Гаргара доаѓаат тие што имаат најголема потреба да си ја исплакнат устата, грлото и душата од секојдневната порција лајна што ја добиваат од власта, од претрпените неправди и угнетувања“.

Со други зборови, „гаргара“ е плакнење на душата од гадостите на секојдневнието.

Цитирани автори:
доц. д-р Ранко Младеновски
доц. д-р Игор Станојоски

Последен пат изменето на Четврток, 15 Октомври 2015 10:34
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…