- Ова е проект кој започна минатата година во Тиват, Црна Гора. Инаку целиот оркестар е женски, освен ние неколку ментори - јас, Васил Хаџиманов и Антоан Симони од Франција, четвртиот ментор е Јасна Јовичевиќ, која е во оркестарот и е носител на целиот проект. Универзитетот е еден од коорганизаторите на овој проект. Сега се среќаваме по вторпат, со оваа серија на настапи и оваа нова авторска музика што ја подготвуваме ќе заврши овој проект како што беше замислен, а се надевам дека ќе продолжи и понатаму. Деновиве вежбаме, а првиот настап ќе биде на 6 ноември во Порта џез во Битола на Фестивал на светската музика. Веднаш утредента сме овде, во оваа иста сала во Штип, во Мултимедијалниот центар, потоа заминуваме на Новосадскиот џез фестивал и последниот концерт ќе биде во Белград. Некои од учесничките – пет од нив се од Македонија, најголем дел се од Музичката академија на УГД, потоа имаме и од Србија, Црна Гора и од Франција изјави Антонијо Китановски, декан на Музичката академија при УГД.
Според Јасна Јовичевиќ, која го води целиот проект, целта е да се зголеми присуството на жените во џезот, бидејќи е факт дека ги има малку. Таа се надева дека и по завршувањето на проектот „New spark jazz orchestra” ќе продолжи да живее и дека девојките ќе останат заедно. Проектот е финансиран од Фондот БАК (Балканска уметност и култура), преку Владата на Швајцарија и Швајцарската агенција за развој и соработка и Европската културна фондација.
Концертот во Штип е на програмата в понеделник, 7 ноември, со почеток во 20.30 часот во Мултимедијалниот центар на УГД, а влезот е бесплатен.