Носители на оваа награда се проф. д-р Милица Шкариќ, дипломираните пијанисти во нејзината класа Петре Штерјов и Бисера Иванова, белгискиот пијанист Бенжамен Думонт и осумгодишната Олга Ѓоргиева.
Во текот на 2016 година носителите на наградата изведоа три концерти со дела за пијано од композиторот Томислав Зографски. Првиот концерт се одржа на 8 април во Музичката академија во Жанблу, Белгија, каде што премиерно во Белгија пијанистите Петре Штерјов и Бенжамен Думонт ги изведоа Минијатурите оп. 11 и Сонатината за две пијана оп. 142 од Томислав Зографски. Вториот концерт насловен „Музиката на Зографски видена низ детските цртежи на Олга Ѓоргиева“ се одржа на 3 мај во Уметничката галерија „Даут Пашин амам“ во Скопје, каде што пијанистите Бисера Иванова и Петре Штерјов ги изведоа Минијатурите оп. 6 и 11 и Суитата оп. 27 за соло пијано.
За време на нивната изведба беа изложени 120 цртежи од осумгодишната Олга Ѓоргиева. Третиот концерт се одржа на 9 мај на Музичката академија во Штип, каде што Иванова, Штерјов и Думонт изведоа целовечерен концерт со дела за пијано од Зографски. Концептот на интерпретација на делата за пијано од Зографски на трите концерти беше направен под раководство на пијанистката проф. д-р Милица Шкариќ, која е професор по пијано на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.