Пред многубројната публика низ градовите Лараче, Ксар Ел Кебир и Тангер-Тетуан беа изведени три самостојни концерти на дуото, на кои изведоа композиции од македонската современа културна ризница, како Зографски, Скаловски, Голабовски, Прокопиев, Иванов и др.
Настапите беа во рамките на фестивалот „ENTRERRITMOS“, кој се одржа по шести пат, од 26 април до 3 мај 2017 година, во северниот дел на Мароко. Фестивалот е наречен Меѓународен фестивал на културната разновидност и има за цел да ја претстави културата за мир и соживот помеѓу различните народи, користејќи ги своите механизми, како уметноста и музиката кои доаѓаат од културниот идентитет на нациите и манифестација на алохтони (недомородни) наследства на различните цивилизации.
Овогодишното издание вклучи 220 учесници, како и културни и образовни делегации од десет земји: Шведска, Гвинеја-Бисао, Италија, Холандија, Шпанија, Панама, Бугарија, Ирска, Македонија и Мароко, која е земја домаќин. Присуствуваа амбасадори и дипломати од скоро сите горенаведени земји учеснички.
Паралелно со музичките и уметничките изведби, фестивалот организираше работилници, семинари и тематски состаноци на кои беа разгледувани современи прашања во врска со материјалните и нематеријалните наследства, животната средина и човековите права.
Филозофијата на фестивалот е да се посвети внимание на одржливиот развој на социјалната работа, како и промоцијата на паралелната дипломатија, која игра улога во комуникацијата со народите на земјата и промовирањето на цивилизацијата и историјата на Мароко.
Како посетители и учесници на фестивалот имавме можност да ја вкусиме мароканската кујна со нејзините чудесни состојки, да уживаме во природните убавини на егзотичното Мароко, нејзините фасцинантни бескрајни плажи и беспрекорната љубезност и гостопримство на месното население. Исто така, запознавме учесници од цел свет, што е најголемо богатство и отвора нови врати за соработка и можност за уметничка промоција на македонското културно богатство вели Невенка Дуковска.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.