На свеченото отворање на изложбата во уметничката галерија „Безистен“ од име на УГД говореше проректорот за настава, проф. д-р Кирил Барбареев, а од име на организаторот директорот на Службата за култура на покраинската влада на Горна Австрија, м-р Рајнхолд Кретер.
Пред изложбата, претставниците на Амбасадата на Австрија во Р Македонија и на Службата за култура на покраинската влада на Горна Австрија беа примени и се сретнаа и со ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.
Изложбата првобитно беше продуцирана од Литературната куќа Минхен (кустоси Рајнхард Витман (Reinhard Wittmann) и Каролина Кин (Karolina Kühn)), а адаптирана од Адалберт Штифтер Хаус (Adalbert Stifter-Haus) (кустос Александер Веран (Alexander Wöran)) и во оваа форма презентирана во Линц 2015/2016. Проектот беше финансиран од Дирекцијата за култура на покраината Горна Австрија. Изложбата беше преведена на македонски јазик и проширена со еден општ портрет на Роберт Музил, при што координацијата од македонска страна ја имаа почесниот конзул на Република Австрија д-р Валентина Илиева и амбасадорот на култура на Република Македонија во Австрија унив. доц. м-р Елена Мисиркова, додека партнерот од австриска страна беше кураторот и историчарот м-р Кристоф Х. Бенедиктер (Mag. Christoph H. Benedikter). Дирекцијата за култура на покраината Горна Австрија и директорот м-р Рајнхолд Кретер (Mag. Reinhold Kräter) значително го поддржаа проектот.
Изложбата прво беше прикажана на 14 јули 2017 г. во Завод и музеј на Битола, во организација на почесниот конзул на Република Австрија д-р Валентина Илиева, додека амбасадорот на култура на Република Македонија во Австрија, концертната пијанистка и доцент на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип м-р Елена Мисиркова овозможи како проект-координатор и организатор изложбата да се прикаже во рамки на интернационалниот Фестивал „Охридско лето“ на 18 август 2017 г. во Уметничката галерија при Центарот за култура на Охрид и на 20 септември годинава во историската Уметничка галерија „Безистен“, во соработка со Завод и музеј на Штип, со голема поддршка на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, со што би се продлабочиле културните врски меѓу институциите од високото образование и културата на двете земји Австрија и Македонија на билатерален план.