Авиокомпанијата „Катар ервејс“, која е поддржувач на Скопскиот џез-фестивал, во рамки на годинашното издание на манифестацијата го прогласи Филиповски за најдобар млад џез-музичар во Македонија.
Виктор Филиповски дипломираше на Одделот за џез студии на Музичката академија при Универзитет „Гоце Делчев” во Штип, каде што во моментов е магистранд, но и најмлад инструктор вклучен во наставата по џез-тапани. Во изминативе години е особено активен на македонската музичка сцена како тапанар во голем број состави, преку коишто во различни форми ги прикажува својот огромен талент и разновиден стил. Тој е дел од изданијата на групи како џезерите „Фирс“, рокерите „Проект Орфеус“ и фанкерите „Барбарела“. Редовно настапува со искусни домашни и регионални џез-имиња како Васил Хаџиманов и Тони Китановски.
- Во развојот на еден млад џез-музичар и, генерално, човек што се занимава со креативност и уметност се значајни талентот и образованието, но подеднакво е битна и поддршката што ја добива во периодот кога се етаблира на сцената. Оваа награда од „Катар ервејс“ ја гледам не само како потврда за мојата досегашна работа, туку и како дополнителна поткрепа за предизвиците што допрва ќе ме пречекаат - истакна Виктор Филиповски, кој откако ја прими наградата настапи со својот состав во кафе-барот „Винил“ во Скопје.