Катедра за современ танц на УГД со Рисима Рисимкин

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип постојано креира нови можности за реализирање на афинитетите на младите во државава, за средношколците кои сакаат своето образование да го оформат на најдобар можен начин во областа која најмногу им е блиска и се гледаат себеси во иднина токму во неа. Од овој септември, младите кои себеси се препознаваат во делот на современиот танц можат да се препознаат на Катедрата за современ танц на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Катедрата за современ танц при УГД се отвори во септември 2017 година и ја раководи вонредниот професор д-р Рисима Рисимкин. Оваа програма е дизајнирана во соработка со Ротердамската академија за танц во Холандија, која е една од најдобрите светски академии за производство на современи танчери. Катедрата веќе оформи класа која изучува современ танц и која на 31 октомври имаше настап во претставата „Зеро“ заедно со Скопје танцов театар.

За студентите на УГД нова кореографија направи танчерот и кореограф при Скопје танцов театар Матеа Киселичка под наслов „Без стоп“. Оваа претстава наскоро ќе ја види и публиката во Велес и во Штип.

Рисима Рисимкин

Рисима Рисимкин е еден од водечките македонски кореографи и уметнички директор на Танц фест Скопје и Скопје танцов театар, кој е прва официјална компанија за современ танц во Македонија. Докторира на Државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на тема „Компаративна поетика на современите танцови стилови во Европа во 20 век“, а магистрира на Универзитетот во Пловдив, Бугарија, на Академијата за музичка и танцова уметност (АМТИ) на Отсекот за кореографија, балетска режија и педагогија, со звање балет-мајстор. Од октомври 2010 година ја води Студиската програма за современ танц – Skopje Dance Academy, како дел од Универзитетот ЕСРА во соработка со престижната Rotterdam Dance Academy во Холандија. Оваа Програма за современ танц од 2017 година е дел од државниот Универзитет „ГоцеДелчев“, каде што Рисимкин работи како вонреден професор. Во периодот од 2005 до 2013 год. е член на Управниот одбор на ЦИД УНЕСКО во Париз, Франција, во два последователни мандата. Во сезоната 2012-2103 година, Рисимкин е уметнички директор на Националниот балет на Анталија, Турција.

Основач е на Интерарткултурниот центар (1996) преку чиишто активности ја развива македонската современа танцова сцена. Се вбројува меѓу најплодните современи македонски кореографи, како авангарден претставник во современото творење. Ја претставува активно Македонија на меѓународната современа танцова сцена со свои претстави за кои добива одлични критики. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и Награда за исклучителен придонес за развој на културата во Република Македонија. Во 2011 година е прогласена за една од 10-те топ-менаџерки во Република Македонија.

Во изминатите години Рисимкин ја претставува Македонија како кореограф во Aркус, Данска; Лајпциг, Келн и Дизелдорф, Германија; Солун, Грција – Европска културна престолнина; Лисабон, Португалија – EКСПO – Национален ден на Македонија; Нијамеј, Нигер (2005); Санвинченто, Хрватска; Белград, Србија; Софија и Бургас, Бугарија; Подгорица, Црна Гора, Лондон, Велика Британија, Ротердам, Хаг и Амстердам, Холандија; Пекинг, Кина, Љубљана, Словенија и др.

Во 2010 година Рисимкин работи како гостин-кореограф во Ротердам, Холандија и во Националниот балет Љубљана, Словенија. Таа е првиот македонски кореограф кој работи во Национална куќа во странство како гостин-кореограф на Нацинален балет – Љубљана, Словенија) и уметнички директор (Национален балет Анталија, Турција). Во 2016 година работи како гостин-кореограф во „Nine Contemporary Dance Company“ во Пекинг, Кина. Премиерата на претставата „Р.Е.М. Низа од соништа“ се одржа како дел од церемонијата на затворање на Интернационалниот фестивал за современ танц во Пекинг, „The New”. Претставата „Р.Е.М. Низа од соништа“ во април 2018 год. имаше европска турнеја и гостуваше на сцените во Скопје, Македонија; Љубљана, Словенија и во Хаг, Холандија.

Претставите на Рисима Рисимкин се оценети како „претстава- меѓник на македонската танцова историја” („Дневник Стравински“ 2004) или „нова ера во македонскиот танц” („МЕМЕНТО“ 2002), а странската критика ја нарекува „Македонската Пина Бауш”.

„...Творештвото на Рисима Рисимкин го класифицираме во македонската танцова авангарда која успеа да наметне (понекогаш и по цена на жестоки критики и негации) нови погледи во однос на танцот...“

Соња Здравкова Џепароска, „Театарот на почвата на Македонија 20 век“

„...Водечки критериум за Рисима Рисимкин е визуелниот момент, поради што создава ефектни, впечатливи слики, кои говорат за нејзините режисерски квалитети...”

Емилија Џипунова, балетски критичар

„...Низ историјата на танцот, а воедно и историјата на театарот, веројатно секоја генерација има произведено неколку извонредни пионери, со претприемнички дух, кои не само што поседуваат иновативни идеи, туку имаат посветеност и вистински вештини да ги реализираат тие исти идеи и амбиции. Во Македонија во моментов има една таква индивидуа, жена која не е само уметнички директор на Танцовата академија Скопје и Скопје танцов театер, таа е и професор на Универзитетот ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк во Скопје, ја држи титулата на главен кореограф на Националниот балет при Државната опера и балет Анталија во Турција и го има создадено фестивалот Танц фест Скопје, на кој доаѓаат компании од преку океаните за да ја презентираат својата работа. Таа жена е Рисима Рисимкин, и јас добив шанса да го видам плодот на сиот нејзин труд при мојата посета на Скопје за отворањето на Танц фест Скопје 2013 година.

... Користејќи ја музиката на Бетовен која кулминира со Ода на радоста, Рисимкин ја прикажа борбата на луѓето да се ослободат од моќта. Со помош на среќата, убавината и надежта. Моќта се инфицира со љубов, со чија помош, сите го наоѓаат посакуваниот пат. Кореографијата беше многу интересна, преку лирични подигнувања и повторувања, кои го зграпчуваат вниманието, посебно во масовните сцени. Рисимкин има талент за имплентирање на прамени од мали линеарни чекори, нагласени со движења на главата, или позиции на рацете“.

Аманда Џенингс за списанието Dance Europe, јуни 2013 г.

Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…