Рисима Рисимкин предаваше на Пекиншката академија за танц

Вонредниот професор на УГД, д-р Рисима Рисимкин во периодот од 21 до 28 октомври 2017 година престојуваше во Пекинг, Кина, каде што беше поканета да предава на Колеџот за извонредност во уметноста, кој е дел од Пекиншката академија за танц.

Оваа Академија, која ја посетуваат околу 2500 редовни студенти, е најголемата и најзначајната високообразовна институција за танц во НР Кина, на која се изучуваат повеќе видови на танц, како класичниот кинески танц, современ танц, класичен балет и фолклор, а воедно има и наставни програми од областа на теоријата на танцот. Рисимкин одржи серија на мастер-работилници на тема „Креативниот процес на создавање нови движења“ и зема учество на трибината „Танцот и традицијата“, која се одржа на 27 октомври.

Оваа програма е дел од проектот за соработка помеѓу НР Кина и земјите од Централна и Југоисточна Европа и во неа учествуваат професори, експерти и кореографи од областа на танцот од Естонија, Латвија, Литванија, Полска, Унгарија, Словачка, Чешка, Македонија, Хрватска и од Кина. Воедно, проектот е дел од стратегијата за развој на современиот танц во Кина и оформување на конекции и соработки помеѓу уметници од земјите учеснички, со цел да се иницираат нови проекти, размени на искуства, споделување на знаењето и формирање на нови уметнички асоцијации. Во мај 2016 година, на Арт форумот во Пекинг, организиран од Министерството за култура на НР Кина, се формираше Танцова унија помеѓу Кина и земјите на Централна и Југоисточна Европа, а Рисима Рисимкин е избрана за член на Бордот на унијата. 

Професорката Рисимкин при посетата на Пекиншката академија за танц договори започнување на процес за соработка помеѓу УГД и Пекиншката академија за танц, во која ќе има размена на студенти и професори, како можност за размена на научна основа во истражувачки проекти.

Последен пат изменето на Четврток, 09 Ноември 2017 11:56
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…