Професорките д-р Васка Сандева и проф. д-р Катерина Деспот успеаја да воведат концепт на зелено домување кој дизајнерски е изведен за првпат на овие простори и значително ги подигна стандардите за домување.
За посебно одбележување е дека во овој проект за првпат во Македонија се употребени презервирани растенија, набавени од реномираниот бренд Verdissimo, лидер и најголем производител на презервирани цвеќиња и растенија во светот.
- Само автентичноста нѐ одржуваше на нозе и ни ја подигаше главата. Не мечтаевме по туѓи признанија или совршенства. Одевме кон тоа да бидеме единствени, а кога се сомневавме во нешто ја слушавме внатрешната интуиција. Посебен предизвик ни беше идејата оваа Дијамантска градина да се претвори во вистинска зелена урбана оаза за релаксиран, хармоничен, интимен и хуман живот - изјави проф. д-р Васка Сандева.
Атриумите во внатрешноста на комплексот се збогатени со различни видови растенија и мов кои ги оплеменуваат сите хоризонтални нивоа и целата вертикална висина на комплексот, кои прават едно „мало зелено кралство“ што зрачи со спокој и релаксација за жителите и посетителите.
За посебно одбележување е дека овој метод на оплеменување на внатрешноста со зеленило се користи во најсериозните и најистакнатите проекти за хумано домување во светот.
- Изборот на видовите и формите на растенијата е умесно направен и вклопен во целосната разработка на композицијата на објектот, каде што е запазен и законот на хармонијата. Крајниот резултат е плодот наречен дизајн, резултатот е неговата креативност, а креативноста не би постоела ако немавме претходен напор – истакна проф. д-р Катерина Деспот.