- Фестивалот според организацијата и содржината беше на светско ниво. Добивме покана да бидеме активни учесници што беше специфично од повеќе аспекти. Програмата беше доста богата со повеќе од 100 учесници во четири фестивалски дена. Исто така, имаше интензивни предавања од еминентни професори од целиот свет со кои лично остваривме контакти и се надевам дека и понатаму ќе соработуваме - изјави професорот Ангеле Михајловски од Музичката академија.
Професорот настапи заедно со Марија Стојанова, која е студент по пијано токму во неговата класа. Таа вели дека за неа ова е исклучително искуство.
- Настапивме како четирирачно пијано дуо со мојот професор Ангеле Михајловски. Вечерта кога ние настапивме беше насловена како интернационален арт подиум со Првиот воен марш од Шуберт и Увертирата на Кармен од Бизе, заедно со учесници од Германија, Чешка, Либан, Тајван и од многу други земји - изјави студентката Марија Стојанова.
Претставниците од УГД се надеваат дека, иако оваа година е прв настап на фестивалот, тоа ќе стане традиција и сѐ поголем број студенти и професори ќе имаат можност да се претставуваат на вакви меѓународни фестивали.