Видеопорака од штипските студенти по повод Светскиот ден на танцот

Танчарите од „Скопје танцовиот театар“ заедно со студенти од штипскиот универзитет направија интересно видео со кое го честитаат денешниот Светски ден на танцот.

Во подготовката на видеото учествуваа танчарите на „Скопје танцовиот театар“ - Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска, Тринга Хиса и студентите од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“, Бобан Русески, Сара Цветковска, Јована Зајкова, Тереза Лазарев, Исидора Краљевска, Борис Богдановски и Ивана Балабанова.

- Со видеопораката под наслов „Збор“ го одбележуваме денот кој за нас има огромно значење во овие моменти. Ги поздравуваме пораките што за оваа пригода ги упатија нашиот реномиран балетски уметник Александар Хаџиманов и Грегориј Вујани Макома, кореограф од Јужна Африка, кој испрати интернационална порака, и со ова видео на свој начин сакаме да обезбедиме и свој придонес за одбележување на овој ден - вели Рисима Рисимкин, професор на студиската програма Современ танц на УГД, кореограф и уметнички директор на „Танц фест“.

За денеска беше планирано официјално затворање на 16-тото издание на „Танц фест 2020“ и свечено одбележување на 30-годишниот јубилеј од постоењето современа танцова сцена во земјава, но поради коронавирусот настаните се одложени за наесен.

 

Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…