Проф. Бранко Павловски добитник на „Златна лира“

Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ) на последната концертна вечер, во рамките на фестивалот „Златна лира“, на 16 октомври во Музејот на македонската борба традиционално ги додели наградите „Златна лира“ за 2020 година.

Годинашни добитници се Скопскиот дувачки квинтет за животно дело, додека за едногодишна успешна концертна дејност и врвни уметнички достигнувања наградата му беше доделена на кларинетистот Бранко Павловски.

Павловски има блескава меѓународна музичка кариера и реноме. Тој во моментов работи како професор на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а се усовршувал на постдипломски студии во Софија, Прага, Париз. Докторирал на Факултетот за музичка уметност при Државниот универзитет на Луизијана во САД.  

Павловски настапувал на многу концерти и фестивали соработувајќи со реномирани оркестри и диригенти, и тоа во САД, Франција, Англија, Германија, Чешка, Полска, Унгарија, Италија, Бугарија, Грција, Хрватска, Србија, Македонија... Бранко Павловски е лауреат на повеќе државни и меѓународни натпревари и има добиено повеќе награди и признанија, а музичката критиката редовно го истакнува неговото виртуозно, експресивно и инспиративно свирење.

Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…