Филмската академија со Катедрата за танц при УГД годинава ја започна наставата во нови простории во Скопје, а воедно за првпат се активни програмите за втор циклус студии, мастер програми за кореографија и танцова едукација, на англиски јазик.
Катедрата за современ танц при Филмската академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ ја почнува наставата во новоотворените простории во Домот на армијата во Скопје.
Просториите се целосно реновирани и по највисоки стандарди опремени за изведување настава за современ танц. Катедрата за современ танц најавува богата програма во која ќе учествуваат студентите, преку соработката со девет европски танцови универзитети и академии, со кои се најавува тесна соработка во следниов период. Со голема возбуда, повторно се планира програмата за фестивалот „Share“ кој се одржува од 2017 година, а во 2018 година се одржа во Скопје и во Штип, кога учествуваа повеќе од сто студенти од девет академии од Австрија, Словенија, Унгарија, Полска, Чешка, Велика Британија, Латвија и С. Македонија.
За првпат во текот на пандемијата оваа програма се обновува и ќе се одржи во Братислава, Чешка. Новата генерација студенти на УГД ќе имаат можност да работат по современа европска програма, да настапуваат и да разменуваат искуства со останати студенти од Европа и пошироко. Својата пракса и понатаму ќе ја имаат во соработка со Скопје танцовиот театар, што ќе им овозможи настапи во земјава и во странство.
Во ноември 2021 г. првпат ќе започнат и програмите за втор циклус студии на Катедрата за современ танц при УГД, мастер програми за кореографија и танцова едукација, на англиски јазик, за кои веќе има голем интерес од земјава и од странство. Во рамките на овие програми ќе се одржува и програма насловена „Креативен центар“ во која студентите од вториот циклус студии, покрај регуларната настава, ќе имаат можност да посетуваат предавања на врвни уметнички имиња од полето на изведбените уметности, визуелните уметности, но и социологија и антропологија од земјава и од странство.
Универзитетот „Гоце Делчев“ и Катедрата за современ танц во целост ќе ги почитуваат протоколите за работа во време на пандемија со ковид-19.