Во 1951 година, долго по смртта на Кафка, Јануш ја објави оваа колекција на разговори под името „Разговори со Кафка“.
Во дел од овие разговори, Кафка нуди прекрасна дефиниција за љубовта и нејзините последици: „Што е љубовта? Покрај сè, таа е едноставна. Љубов е сè што го вдахнува, продлабочува и го збогатува нашиот живот. Во неговата височина и длабочина. Љубовта има само неколку проблеми, слично на еден автомобил. Единствените проблеми се возачот, патниците и патот“.
Овие проблеми би можеле да ја доведат колата до целосно распаѓање. Кафка бил интимно запознаен со емотивно кршење на срцето, како што е евидентирано во неговите убави и срцекршачки љубовни писма. Веројатно „кршењето на срцето е начинот на којшто созреваме“, како што вели Кафка. Личното искуство му дозволило на Кафка да му понуди на младиот Густав толку искрен и реален совет во врска со разводот на неговите родители – нешто што младиот Густав емотивно го погодило во голема мера и го одвратило од идејата дека е возможна среќна љубов. Како ехо на тврдењето на Ниче дека „исполнетиот живот неопходно носи тешкотии со себе“, Кафка го охрабрува младичот со совет да ги одржи присутни неговите тешки емоции: „Само биди тивок и трпелив. Дозволи лошото и непријатното тивко да поминат низ тебе. Не труди се да ги одбегнеш. Напротив, набљудувај ги внимателно. Дозволи разбирањето да го заземе местото на импулсивноста, така ќе ја надминеш неволјата. Човек може да ја достигне својата големина само преку надминување на својата безначајност“.
На нивната следна прошетка, Кафка се навраќа на оваа тема. Со татковски совет, Кафка му вели на младиот Густав: „Најважно е да не брзаш. Она што е добро, не заминува. Трпението е решение за секоја ситуација. Човек мора да има симпатии кон сè, да се предаде на сè, но, во исто време, да остане трпелив и истраен. Не постои нешто како потклекнување или ’кршење’. Едноставно, станува збор за надминување кое почнува со надминување на себеси. Ова не може да биде игнорирано. Човек мора мирно да прифати сè и да остави тоа да порасне во него. Бариерите на стравот можат да бидат скршени единствено со љубов. Човек мора околу исушените лисја да ги пронајде зелените пролетни ливчиња, да биде трпелив и да чека. Трпението е единствената основа врз која можат да се остварат личните соништа“.
Извор: brainpickings.com