Отворена изложбата „Победата над фашизмот: Kако се постигна?“

Михаил Лукшин, аташе за култура на Руската амбасада во Република Македонија заедно со ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев денеска свечено ја отворија изложбата на фотографии која е насловена „Победата над фашизмот: Како се постигна?“. Претставникот на Амбасадата го истакна задоволството од соработката со Универзитетот „Гоце Делчев“ и посочи дека оваа изложба на фотографии оддава признание не само на Русија, туку и на сите кои помогнаа во соборувањето на фашизмот во светот.

- Сега студентите и професорите имаат можност да ја видат оваа изложба која беше подготвена од страна на Руската амбасада во Република Македонија и веќе делумно или целосно беше претставена на неколку локации. Мислам дека ова е многу убав настан кој покажува дека УГД многу активно соработува со руската страна, без разлика дали станува збор за Амбасадата или други институции. Главно, изложбата е визија на советската страна на Втората светска војна. Прво за учеството на Советскиот Сојуз во Втората светска војна, но бидејќи не го одвојуваме нашето учество од учеството на целото човештво во таа борба против хитлеризмот, ние секако голем дел од изложбата посветивме на настаните кои се случуваа во Европа и на улогата на нашите сојузници во ослободувањето на Европа и светот. Еден постер е посветен и на улогата на Македонија во таа борба -  истакна Михаил Лушкин, аташе за култура на Руската амбасада.

Ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев истакна дека УГД има одлична соработка со Амбасадата на Русија и дека пракса на Универзитетот е да соработува со сите претставништва на државите пријатели на Македонија.

- Наша определба е соработка со сите амбасади кои се од земјите пријатели на Македонија. Одредени активности со Руската амбасада се договорени да следат како континуитет. Една од тие активности е и оваа. Ние како универзитет со Руската Федерација имаме интензивна соработка. Не само со Амбасадата, туку и со универзитетите во Русија. Имаме соработка со Московскиот универзитет, Универзитетот во Самара и многу други. Голем број наши студенти одат на размена таму, но и нивни студенти и професори го посетуваат УГД. Универзитетот е отворен за соработка и тоа ќе го правиме и понатаму - истакна ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев.

На изложбата се поставени 50 фотографии, а отворена е во холот на Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“.

Последен пат изменето на Среда, 04 Мај 2016 10:00
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…