Заради поттикнување на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на пазарот на хартии од вредност, како и афирмација на млади и стручни кадри, Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Комисијата) доделува награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на пазарот на хартии од вредност.
Право за учество на Конкурсот имаат државјани на Република Северна Македонија на возраст до 35 години. Комисионерите, вработените на Комисијата и нивното потесно семејство немаат право на учество на Конкурсот.
Трудовите се поднесуваат на македонски, албански или на англиски јазик. Tрудот треба задолжително да содржи и осврт кон пазарот на хартии од вредност на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 20.000 карактери со празните места (без фуснотите, прилозите, графиконите, табелите, апстрактот, библиографијата, анексите) во фонт Times New Roman, 12pt, единечен проред и препорачливо е да има стандардна структура, што ги содржи следниве основни делови:
- апстракт;
- осврт на консултираната литература за детерминатите на развојот на пазарите на хартии од вредност;
- осврт кон домашниот пазар на хартии од вредност;
- анализа;
- заклучни согледувања и
- библиографија.
Еден автор има право да поднесе само еден труд. Прифатливи се и трудовите кои се изработени како коавторство.
Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со трудови коишто веќе биле објавени, но не пред 1 јануари 2020 година. При поднесувањето на трудот, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот. Авторот треба да достави и изјава за оригиналноста на трудот, како и согласност за објавување на истиот.
Трудовите се поднесуваат до Комисијата за хартии од вредност со назнака: „За Годишната награда за најдобар труд на Комисијата за хартии од вредност“, по електронски пат, во формат „word“, на е-адресата: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци.
Изборот на најдобар труд го врши Одборот за оценување, којшто се состои од четворица членови, од кои еден е лице кое е вработено во Комисијата. Претседателот на Комисијата за хартии од вредност ги назначува претседателот и членовите на Одборот за оценување, со решение коешто ќе се објави на интернет-страницата на Комисијата. Одборот за оценување го врши изборот на најдобар труд анонимно, преку вреднување на трудовите влезени во потесна конкуренција според следниве критериуми:
- Релевантност на истражуваното подрачје за домашниот пазар;
- Соодветност на освртот на литературата од анализираното подрачје;
- Јасност во дефинирањето на проблемот и на целите на истражувањето;
- Конзистентност и логичност на тезите во трудот;
- Заклучоци и препораки и нивна соодветност.
Гoдишната награда на Комисијата за хартии од вредност за прворангираниот труд (прва награда) изнесува 35.000,00 денари, нето.
Втората награда е во износ од 25.000,00 денари, нето, а третата награда изнесува 15.000 денари, нето.
Доколку наградениот труд е коавторски, во тој случај износот на наградата сразмерно се дели на коавторите. Доколку два труда подеднакво се оценети, секој од авторите ќе го добие износот на наградата за којашто е рангиран.
Краен рок за доставување на трудовите е 15 февруари 2021 година.
Годишната награда на Комисијата ќе се додели на настан организиран од страна на Комисијата.