- Секциите се однесуваат на право, политика, комуникации и општество. Во различни панели, централните точки на дискусија се различни. На панелот за човекови права прашања и предизвици се мигрантската криза, правата на бегалците, институционалните капацитети за заштита на човековите права. Во делот на политика имаме предизвици на она што претставува електронско гласање, потоа за пропагандните војни кои ги водат големите сили меѓу себе. Во панелите кои се однесуваат на правото има доста материја која е поврзана со правото на ЕУ, а од панелот кој се однесува на комуникации, централно место заземаат темите кои се однесуваат на социјалните медиуми, потоа ширењето на говорот на омраза преку медиумите. Целта на научните работници е да ги истражат проблемите кои се појавуваат во различни области и многу слободно да дадат препораки за нивно надминување – изјави деканот на Правен факултет, проф. д-р Јован Ананиев.
Учесникот од Хрватска, професорот Туњица Петрониевиќ, продекан на Правниот факултет во Осиек, истакна дека во своето излагање тој се задржува на правосудниот систем, односно на промените и реформите што тој ќе ги доживее во процесот на интеграција во ЕУ, преку искуството што Хрватска го имала во тој поглед, а ќе мора да го помине и Македонија во својот пат кон Европската Унија. Професорката Татјана Дрозина од Институтот за политички науки на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Софија е експерт од областа на меѓуетнички конфликти и пред новинарите истакна дека регионот е исправен пред многу предизвици, но сите треба да се задржат на патот на европската ориентација и да се негуваат демократските вредности, а интелектуалците и научните работници треба да бидат предводници во тој поглед.
На свеченото отворање на конференцијата се обрати проректорот за настава на УГД, проф. д-р Кирил Барбареев, кој присутните ги запозна со Универзитетот „Гоце Делчев“, институција низ која за само десет години поминале повеќе од 30 илјади студенти и која може со гордост да се пофали и со најсовремена техничка опременост, како и со вредна научноистражувачка дејност.
- Современиот свет дефинитивно е свет на сериозни предизвици, свет на промени, свет на несигурност, непредвидливост, непостојаност и на голем притисок. Овие состојби ги опфаќаат и Универзитетот, општеството, како и сите луѓе. Но сепак, што и да се случува, Универзитетот ќе остане заштитник на европската хуманистичка традиција и, веројатно, најголемата одговорност повторно ќе му припадне на Правниот факултет, како можеби најодговорна институција за зачувување на автономијата на Универзитетот, но и за промовирање на правото – истакна проректорот Барбареев, посакувајќи им на учесниците успешна работа и убав престој на УГД и во Штип.