- Добро е што серијата форуми за аерозагадувањето ја завршуваме со, според мене, најважните, а тоа е научната фела. Овде на УГД постои сериозна лабораторија и наставна програма која се занимава со ова и учествува во анализите на аерозагадувањето. Како човек кој е дел од универзитетската фела би сакал да го изразам моето задоволство од она што го видов на УГД во Штип, а особено сум задоволен од она што е направено како анализи и активности во делот на борбата за здрава животна средина и од лабораториите што ги поседува овој универзитет. Треба да имаме предвид дека фактите и науката се непобитни и оттаму треба да тргнуваме кога ги почнуваме нашите активности - истакна заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули.
Ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, истакна дека Универзитетот во Штип со право може да се каже дека е лидер во оваа област во државата.
- Ние како универзитет секогаш сме општествено одговорна институција која сака да го сподели знаењето со граѓаните и во нивен интерес. Во оваа пригода сакам да кажам дека нашите сознанија кои се однесуваат на животната средина се достапни и јавни, и секогаш ќе биде така, во интерес на подобро знаење и подобро живеење на граѓаните и за тоа нема да бараме никаков надомест од никого - изјави ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.
Проректорот на Универзитетот, проф. д-р Дејан Мираковски, директно е вклучен во огромниот број истражувања што УГД ги прави во насока на мерење на квалитетот на воздух и донесување на акциски мерки за подобрување на квалитетот на воздух.
- Начинот на греење со биомаса е проблемот за загадување во Скопје. Според нас, овој фокус ќе овозможи да се подобруваат состојбите, ако го решаваме како проблем. Во однос на воздухот во затворен и на отворен простор, воздухот се разликува драстично и ние имаме мерења во таа насока кои се надевам ќе помогнат во донесување на одлуките - изјави проф. д-р Дејан Мираковски.
На форумот свои излагања имаа голем број експерти, професори, претставници на МАНУ и претставници од невладиниот сектор, кои понудија голем број решенија за да можат жителите на Скопје и на Македонија да дишат почист воздух. Едно од главните решенија е отстранување на греењето на дрва во домовите.