(Видео) Пристапно предавање на проф. д-р Блажо Боев во МАНУ

Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Блажо Боев одржа пристапно предавање во МАНУ по повод неговиот избор за дописен член на МАНУ. Темата на пристапното предавање беше „АЛШАР – нови форми на живот“. Академик Боев се осврна на научните истражувања што тој со својот тим истражувачи подолг период ги работи на локалитетот Алшар.

- Кога мислев што треба да презентирам во највисоката установа од областа на науката во Македонија - МАНУ, имав дилема. Дилемата ми беше дали треба да го претставам тоа што најмногу ме преокупира веќе 30 години, Алшар, и да зборувам за некои детали кои можеби нема да бидат многу разбирливи за поширок аудиториум или можеби треба да зборувам за нешто друго, што ќе даде белег на моето прво пристапно предавање во МАНУ и влезот на геонауките во оваа многу значајна установа за науката и за уметноста во Р. Македонија. На крајот, сепак, се одлучив да проговорам за повеќе теми заедно и да спојам неколку моменти кои се можеби тешки за спојување, но јас ќе направам напори да го направам на мој начин и се надевам дека ќе биде разбирливо за сите и ќе разберат што сакам да кажам и што ми е поентата во ова предавање. Ако зборувам за Алшар, на Алшар е употребена исклучително висока артилерија од областа на науката, таму се применети најсофистицираните методи воопшто во делот на истражувањата на геонауките – го најави своето предавање Боев.

Според него, во триесетте години истражување на овој локалитет кој е тежок за работа и истражување, освен што се најдени значајни минерали како лорандитот, кој го има во голема концентрација, најголема во однос на други локалитети во светот, има еден многу позначаен елемент – големата концентрација на форми на живот во вакви екстремни услови.

- И во тие екстремни услови има многу живот на овој локалитет. Мислам дека правиме голем придонес во светската наука во поглед на она што значи живот во вакви екстремни услови. Истражувањата кои се однесуваат на тоа колку има живот во овие услови ги правиме заедно со колегата Владимир Берманец од Хрватската академија на науките и уметностите и резултатите се напредни и исклучително важни, затоа одлучив дека е важно да го прикажам моментот на Алшар, дека во него можат да се појават форми на живот кои се значајни во поврзувањето на појавата на живот на планетата Земја, бидејќи ова се исти екстремни услови какви што постојат на дното на океаните. Во минералите на арсен и на талиум кои ги има во изобилство, и баш во нив, таму кај што најмалку очекувавме дека внатре во секундарните минерали ќе најдеме нешто живо, меѓутоа, таму врие од живот. Затоа реков дека животот е привилегија за оваа планета, но и не само за оваа планета. Живот во вакви форми се наоѓа и во други екстремни услови и се надевам дека во времето коешто доаѓа некои идни генерации од нашата професија ќе бидат оние кои ќе отидат на другите небески тела и ќе го работат она што ние го работиме на Алшар, и ќе бидам особено горд доколку се случи тоа некој од нашата професија од Македонија да биде во некој екипаж кој се наоѓаа во истражувањата на универзумот. Бидејќи реков дека основните истражувања се однесуваат на овој феномен, на појавата на животот во екстремните услови, во најекстремните и најсурови услови, каде што никој не очекува живот. На Алшар откривме нови видови бактерии кои живеат само на арсенска подлога и тоа се најновите форми на живот откриени на Алшар. Тоа се најновите сознанија за Алшар како раритет во поглед на геологијата, минералогијата, а се надевам во генерациите кои доаѓаат и на утврдувањето на животот – изјави академик Блажо Боев.

Свечениот собир го отвори академик Дончо Димовски, секретар на Одделението за природно-математички и биотехнички науки на МАНУ, а за научната активност на проф. д-р Блажо Боев говореше академик Глигор Јовановски.

Од страна на претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, на проф. д-р Блажо Боев му беше предадена диплома за членство во МАНУ. По пристапното предавање беше промовирана и монографијата „АЛШАР – светско природно наследство“. Промотори беа академик Владимир Берманец и проф. д-р Доне Гершановски, а пригодна реч имаше академик Таки Фити, претседател на МАНУ. Автори на монографијата, покрај проф. д-р Блажо Боев, се и професорите Глигор Јовановски, Трајче Стафилов, Петре Макрески, Владо Матевски и Иван Боев.

  

 

Видео

Академик Глигор Јовановски - 1во обраќање: 

Академик Глигор Јовановски - 2ро обраќање:

Академик Владимир Берманец:

Академик д-р Блажо Боев:

 Проф. д-р Доне Гершановски:

Академик Таки Фити: 

Последен пат изменето на Петок, 16 Ноември 2018 14:42
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…