Првиот состанок на оваа тема се одржа на УГД, а се говореше за предизвиците на новите технологии на мониторинг на квалитет на воздух, законска усогласеност и подобрување на квалитетот на користење на податоците, зголемување на покриеноста, развој на идните мрежи за мониторинг, како и за презентација и користење на податоците за предикција на квалитетот на амбиенталниот воздух, алокација на изворите, моделирање на сценарија.
- Го изразувам моето задоволство што сум повторно на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Целта на оваа средба е да ја вклучиме повеќе науката во секојдневната борба со аерозагадувањето. Не дека досега ја немало помошта, но сега сакаме да ја институционализираме, една група на ентузијасти кои различно работат со свои апликации на универзитетите, на различни факултети, да ги споиме на едно место. Согласно со Законот за животна средина тоа советодавно тело да го формираме континуирано да работи. Се разбира, што е уште поважно, сето она што досега е работено како резултати, податоци, апликации да ги ставиме на едно место, за да може да учиме едни од други, но сето тоа да го дадеме во служба на подобра имплементација во борбата со намалувањето на аерозагадувањето. Она што ме радува е дека имаме еден огромен напредок во науката, која за жал малку ја користиме. Тема денеска беше моделирањето и предвидувањето на аерозагадувањето со помош на различни техники и технологии и верувам дека тоа ќе стане една наша реалност од следната зима и граѓаните ќе можат да знаат што ги очекува во наредниот период. Во една поинтензивна соработка помеѓу универзитетите и факултетите очекувам решенија кои ќе бидат плодна почва за аплицирање на многу меѓународни научни проекти за да можеме со повеќе ресурси да се справуваме со аерозагадувањето. Разговаравме и со ректорот на УГД како можеме мрежата на УГД да ја институционализираме и да ја направиме комплементарна како податоци на државната мрежа која постои во Министерството за животна средина и просторно планирање – изјави заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули.
За проф. д-р Дејан Мираковски, проректор на УГД, ова е иницијална средба за размена на искуства и насока како подобро да се соработува во иднина.
- Ова е иницијална средба со колегите од другите факултети кои работат на оваа проблематика на иницијатива на заменик-министерот да се собереме, да ги размениме искуствата, што сме сработиле, како работиме и како може заедно да добиеме подобри податоци, да аплицираме пред фондовите за истражување и од целото тоа бенефит да има јавноста преку поефикасни и навремени информации, и на некој начин да го подобриме управувањето со квалитетот на воздухот – изјави Мираковски.
Намалување на аерозагадувањето