„Општествените промени во глобалниот свет“ – онлајн конференција на Правен факултет

Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип по седми пат ја организира Меѓународната научна конференција „Општествените промени во глобалниот свет“.

Годинава, поради светската пандемија на ковид 19 и здравствените ризици, конференцијата ќе се одвива онлајн, со учество на претставници на правни факултети од повеќе држави во светот.

- Оваа година не можевме да ја одржиме конференцијата со физичко присуство, поради пандемијата со ковид 19, но УГД најде успешен начин, односно преминување на онлајн организација на конференцијата. Имаме учесници од 13 држави во светот, кои преку платформата Microsft tems ќе ги презентираат своите трудови. Оваа година конференцијата е збогатена со учество на експерти од Обединетите Арапски Емирати, Руската Федерација, Србија, Хрватска, Словенија, Италија, Франција... Имаме 6 панели:   Општество и медиуми, комуникација и политика; Кривично право; Политика; Мултидисциплинарна сесија; Млади истражувачи и Законодавство. Конференцијата ќе се одвува на три јазици – македонски, руски и англиски, а една сесија ќе се одвива само на руски јазик – изјави доц. д-р Милица Шутова.

На отворањето на конференцијата се обратија продеканот за настава на УГД, проф. д-р Мишко Џидров и деканката на Правниот факултет, проф. д-р Олга Кошевалиска. Воведни излагачи на конференцијата беа проф. д-р Адриана Алмашан од Правниот факултет на Универзитетот во Букурешт, Романија, на темата „Регулација на човечката интеракција во предизвикувачки времиња - правен проблем или можност за зајакнување на правниот систем?“, и проф. д-р Мохамед Ел Десуку од Универзитетот Ал Фалах во Дубаи, Обединети Арапски Емирати.

Според деканката на Правниот факултет, проф. д-р Олга Кошевалиска, седмото издание на конференцијата одговара на предизвиците од пандемијата со ковид 19.

- Како универзитет, ние се соочивме со големи предизвици во реализација не само на наставата, туку и на истражувањето, организирањето на конференции и настани. Затоа ние конференцијата ја организираме онлајн, онака како што и успешно ја организиравме наставата. Што се однесува до наставата, првично ни беше интересно да развиеме алатки и да се најдеме во тој виртуелен свет, меѓутоа наидовме и на проблеми – во однос на изнаоѓање адекватни начини за оценување на студентите, одбрана на дипломски, магистерски... Од она што можевме да го видиме од колегите со кои соработуваме, со колегите од странство, видовме дека сме тука некаде во поглед на проблемите со кои се соочуваме. Замислата на пленарната сесија е да споделиме добри практики и алатки на кои можеме ние како универзитетски професори да преземеме искуства едни од други, за да можеме да им излеземе во пресрет и на студентите и на колегите – истакна деканката Кошевалиска.

На седмата Меѓународна научна конференција „Општествените промени во глобалниот свет“ ќе бидат презентирани над 60 трудови, кои потоа ќе бидат објавени и во зборник на конференцијата.

Последен пат изменето на Четврток, 03 Септември 2020 14:23
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…