Интервју со проф. д-р Кристина Мишева, носител на „Жан Моне“ проектот: „ЕУ е-здравствено право и Северна Македонија: Од тековни практики до имплементација“

Тоа што се очекува да произлезе како резултат од проектот претставува огромен предизвик кој може да има влијание во националните е-здравствени политики и значајно влијание во креирање на здравственото право како посебна наставно-научна дисциплина во нашата земја.

Вонредниот професор д-р Кристина Мишева, која е шеф на Катедрата по деловно право на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, говори за „Жан Моне“ проектот и нејзината улога, како и улогата на Универзитетот во него. Имплементацијата на проектот започна претходната година и тој веќе се реализира. Реализацијата се одвива преку неколку мултидисциплинарни научноистражувачки, стручни и едукативни активности, наменети за академската заедница, професионалци од областа, студентите на УГД и граѓаните.

Тоа што се очекува да произлезе како резултат од проектот претставува огромен предизвик кој може да има влијание во националните е-здравствени политики и значајно влијание во креирање на здравственото право како посебна наставно-научна дисциплина во нашата земја.

Вие сте носител на „Жан Моне“ проект финансиран од Еразмус+ програмата. Која е темата на овој проект и дали е предизвик да се работи во време на пандемија?

Така е, во 2020 година преку Еразмус+ програмата, Универзитетот „Гоце Делчев“ беше селектиран за поддршка на проектот со наслов: „ЕУ е-здравствено право и Северна Македонија: Од тековни практики до имплементација“. Со овој пионерски потег Универзитетот „Гоце Делчев“ -Штип стана моно-корисник на поддршката од „Жан Моне“ активностите-„Жан Моне“ проекти, а јас се стекнав со статус на „Жан Моне“ координатор. Членовите на проектниот тим се професори и млади истражувачи - вработени на УГД од областа на правото, медицината, биоетиката и информациската и комуникациската технологија. Имплементацијата на проектот започна претходната година и тој веќе се реализира. Реализацијата се одвива преку неколку мултидисциплинарни научноистражувачки, стручни и едукативни активности, наменети за академската заедница, професионалци од областа, студентите на УГД и граѓаните. Овој семестар во тек е онлајн-курс под назив „ЕУ е-здравствено право, ИКТ и биоетика“, наменет ексклузивно за студентите на УГД, повеќе за ова може да се најде на следнава веб-страница: https://euehl.ugd.edu.mk/index.php/en/lecture-course/eu-e-health-law-itc.

Пандемијата предизвикана од ковид-19 нè исправи пред предизвици во секоја пора од нашето живеење и дејствување. Предизвиците да се реализира проект од ваков вид и обем во вакви услови се големи. Еден предизвик е да се биде пионер во една ваква област, сосема друг и дополнителен предизвик е фактичката ситуација во државава и светот. Од една страна, со галопирачка брзина се укажа на круцијалното значење на резултатите од активностите на проектот во чија основа е заштитата на јавното здравје (salus populi suprema lex), а, од друга страна, тешко е  изводливо да се имплементираат проектни активности кои биле планирани да се реализираат непосредно (физички) во соработка со колеги од регионот, земји-членки на ЕУ, Европа, Америка и Русија, на наш терен. Кога аплицирав (крајот на 2019 година) за проектот, не можев да претпоставам дека електронското здравство ќе стане неопходна потреба во служба на заштита на нашето здравје и дека ќе има централно место во целиот свет (системски и индивидуално). Така, интересот за електронското здравствено право кај посебен институт во едно модерно општество е услов sine non qua. Дополнително, она што се очекува да произлезе како резултат од проектот претставува огромен предизвик кој може да има влијание во националните е-здравствени политики и значајно влијание во креирање на здравственото право како посебна наставно-научна дисциплина во нашата земја.

Како дел од НАТО-програмата „Наука за мир и безбедност“, Правниот факултет од Штип беше еден од носителите, а Вие кодиректор на напредниот тренинг-курс „Кон ефективна сајбер-одбрана во согласност со владеење на правото“. Дали ова беше публикувано и достапно за студентите, па и за другите луѓе што сакаат да се запознаат со овие теми?

Во 2019 година во Охрид се реализира НАТО СПС напреден тренинг-курс (NATO SPS ATC) насловен како „Кон ефективна сајбер-одбрана во согласност со владеење на правото“. Како кодиректор за Северна Македонија и професор на Правниот факултет -УГД, бевме домаќини на овој 5-дневен настан наменет за 40 учесници (стручни лица и професионалци од земјите од Западен Балкан и од земји-членки на ЕУ) и 17 реномирани професори и стручни лица од целиот свет, како предавачи на курсот. Нашите алумни-студенти имаа централно место и беа активно вклучени во овој тренинг-курс, со што имаа можност да слушаат предавања и да добијат обука од респектабилни професори и стручни лица од областа на правото и сајбер-одбраната. Како дополнителен резултат од овој проект произлезе Меѓународната научна публикација под ист назив како и проектот „Кон ефективна сајбер-одбрана во согласност со владеење на правото“. Публикацијата е достапна онлајн и во печатена верзија преку реномираната издавачка куќа од Амстердам ИОС Прес (IOS Press). (https://ebooks.iospress.nl/bookseries/nato-science-for-peace-and-security-series-e-human-and-societal-dynamics ). Сепак, за нашите студенти и за членовите на Универзитетската библиотека на УГД, печатеното издание е достапно бесплатно.

Кристина Мишева

Имате формирано секција за млади истражувачи како дел од годишната конференција на Вашиот факултет. Што претставува ова за студентите?

Во рамките на годинашната меѓународна научна конференција „Општествените промени во глобалниот свет“ на Правниот факултет- УГД, како посебна секција се организира и реализира конференцијата за млади истражувачи. Овој настан се организира паралелно со меѓународната научна конференција и им овозможува на младите истражувачи да бидат дел од презентациите и меѓусебните дијалози помеѓу наставно-научните соработници од земјава и од светот, но и да се воведат во светот на академската заедница со индивидуален или колективен придонес. Идејата за креирање ваква секција созреваше во текот на годините, а поттик беше потенцијалот кој го согледавме кај нашите студентите да се „испробаат“ на полето на научноистражувачката дејност. Големиот интерес за учество во ваков настан нѐ охрабри да продолжиме со организација на ваква секција веќе неколку години по ред. И ме радува фактот дека истата опстојува и во услови на пандемија. Сметам дека развојот и унапредувањето на студентите се од исклучителна важност за сите нас. Најмалку што треба да направиме е да ги инволвираме и мотивираме студентите во различни студентски активности, а тие понатаму ќе продолжат со свој стил, во свое темпо, со свој капацитет и приоритет во остварување на своите цели. Резултат од сето ова се нивните позитивни коментари и континуирана комуникација со нас, професорите, и по нивното дипломирање.

Студентскиот селектиран интелектуален придонес може да се најде во посебни публикации онлјан во УГД-журнали (https://js.ugd.edu.mk/index.php/scgw/issue/archive) и во печатена верзија во Универзитетската библиотека на УГД и на Правниот факултет.

Веста е преземена од Факултети.мк

Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…