„Основната цел на овој истражувачки проект е да се испита радонот во училиштата, користејќи комерцијално достапни нуклеарни трагови детектори за да се извршат мерења и да се направи проценка на средна годишна концентрација на радонот. Истражувањето ќе опфати и проценка на годишните дози од радон кои наставниците, персоналот и учениците ги примаат за време на престојот во училиштата, а од анализата на резултатите ќе се испита кои од факторите значајно влијаат врз процената на концентрацијата, а со тоа и на дозата“ – вели проф. д-р Зденка Стојановска, професор на Факултетот за медицински науки и раководител на проектот.
Проектот започна во 2014 година и досега се анализирани концентрациите на радон измерени во основните училишта во општините: Гази Баба, Аеродром, Петровец, Штип, Кавадарци, Свети Николе, Пробиштип, Кратово, Кочани, Зрновци, Карбинци и Чешиново. Анализата на овие резултати би требала да заврши кон почетокот на 2017 година за кога се планира да заврши проектот.
Активно учество во овој проект имаат: д-р Зденка Стојановска, вонреден професор на Факултетот за медицински науки при УГД - главен истражувач; д-р Блажо Боев, редовен професор на Факултетот за природни и технички науки при УГД - истражувач; д-р Васо Талески, вонреден професор на Факултетот за медицински науки при УГД - истражувач.
Резултатите од проектот ќе имаат голем придонес во пошироката научна јавност. Дел од резултатите се презентирани на две меѓународни конференции од оваа област и истите се објавени и се во процес на објавување во неколку меѓународни списанија со фактор на влијание.
Покрај меѓународната рамка на проектот, објавените резултати ќе дадат придонес и за националната заштита од радијација, а резултатите може да бидат од полза и при подготовка на Националната програма за радон.