Секој наставник кој во секојдневната работа користи отворени образовни ресурси (ООР) кои се достапни за сите може да биде дел од овој натпревар. Додека трае процесот на номинирање секој може да предложи наставник или професор, а освен основните податоци, при номинирање на кандидатот потребно е да внесете и линк до ресурсите на предложениот кандидат.
Гласањето за избор на нај-ООР наставник за 2016 година се одвива онлајн и ќе трае до 10 февруари. Наставникот или професорот кој ќе добие најмногу гласови ќе биде прогласен за нај-ООР наставник или нај-ООР професор. Во трка се четворица наставници, од кои еден ќе добие награда од гласачите, а друг од стручната жири-комисија. Победниците на овој натпревар ќе добијат учество на Третата едуконференција за наставници и информатичари организирана од Пријатели на образованието, која ќе се одржи во април 2017 година.