Промоција на книгата „Методи на наставата по странски јазик“

Kнигата „Методи на наставата по странски јазик“ (“Methoden des fremdsprachlichen Deutscunterrichts"), преведена на македонски јазик од проф. д-р Валентина Илиева од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, беше промовирана на Филолошкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип. Книгата „Методи на наставата по странски јазик“ е учебно помагало кое за првпат се преведува во Република Македонија.

- Оваа книга претставува задолжителна или основна литература за студентите од студиската група Германски јазик и книжевност на сите филолошки факултети во Република Македонија, во соседните држави, како и во Германија, Австрија и Швајцарија. Тоа значи дека студентите без овој учебник не можат да ги совладаат содржините кои се неопходни за предметот Методика на наставата по германски јазик. Ако се погледне содржината на книгата, ќе забележиме дека се претставени методите за наставата по германски јазик, од граматичко-преводниот метод, па сѐ до интеркултурниот метод. Секако, треба да нагласиме дека овој учебник не ги опфаќа сите методи, бидејќи тие постојано се развиваат и добиваме нови методи кои се помодерни и поатрактивни во наставата по германски јазик. Но она што е важно да се истакне е дека во овој учебник се дава историскиот осврт на методите кои им се неопходни на наставниците по германски јазик, бидејќи без нив нема да се пренесе знаењето од страна на наставниците и професорите – изјави проф. д-р Валентина Илиева од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, која го направи преводот на книгата од германски на македонски јазик.

Според деканката на Филолошкиот факултет, доц. д-р Драгана Кузмановска, значењето на учебникот за студентите како идните наставници и професори е големо, а овој пример исто така покажува дека Филолошкиот факултет ја продолжува соработката со сите универзитети во државата и пошироко.

- Во светло на нашата соработка, ја поканивме нашата колешка проф. д-р Валентина Илиева, која направи превод на учебник кој е значаен за нашите студенти, со кој може да им помогне, освен јазичните компетенции кои се важни за еден филолог, да можат да постигнат и познавање во поглед на вештините, односно пренесување на вештините за да можат да се комплетираат како идни наставници по германски јазик, а секако и по други јазици, бидејќи овој учебник со преводот ќе може да се користи на ниво на сите наставни програми кои се застапени на Филолошкиот факултет – изјави доц. д-р Кузмановска.

Проф. д-р Билјана Ивановска ѝ се заблагодари на проф. д-р Илиева, која воедно е и конзул на Австрија во Битола, за долгогодишната соработка со Филолошкиот факултет и постојаната и стручна логистичка поддршка и помошта во наставниот процес.

Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…