Од свој аспект, од своите искуства и сеќавања за своите учители, но и од видувањата како ја гледаат учителската професија во иднина, студентите на образовните факултети од УГД, УКЛО и Тетовскиот универзитет, како и средношколците од гимназиите во Штип и во Струмица навистина ги инспирираа и своите учители, но и колегите студенти.
Факултетот за образовни науки по вторпат беше успешен организатор, а деканката, проф. д-р Соња Петровска, истакна дека со овој настан се придонесува во афирмацијата на учителската професија и им се дава можност на студентите да се самоафирмираат како личности кои мислат и говорат за она што ќе бидат. Таа рече и дека денес сите учители се прашуваат кои се и кои треба да бидат и дали е доволно само со љубов да се работи професијата зад вратите на училниците и предавалните. Многу истражувања укажуваат дека учителската работа треба да се промовира пошироко и затоа ФОН ја организира оваа манифестација.
Задоволство од настанот изразија и професорите кои учествуваа и кои ги подготвуваа своите студенти и ученици за инспиративните говори.
- Јас го поздравувам овој настан, навистина има големо значење, бидејќи кога студентите и учениците говорат, ние треба да ги слушаме внимателно. Учителската професија е малку занемарена, но многу за почит, а тоа треба сите да го имаме на ум. Затоа ваквите настани треба да продолжат, да ги негуваме, охрабриме, затоа што тоа е иднината на нашата држава – изјави проф.нд-р Јасмина Велчева-Диздаревиќ, раководител на Институтот за педагогија, Филозофски факултет на УКИМ – Скопје.
- Оваа манифестација е за почит и поздравување, да учествуваат и институциите, да се мотивираат студентите да учествуваат, затоа што студентите секогаш имаат што да кажат, гледајќи од нивни аспект, како тие гледаат на оваа професија, без разлика дали ќе бидат во училиштата или во предучилишните установи, секако дека треба да се следи постојано она што се случува во Европа, во светот и сите тие новитети да се применуваат и кај нас постепено да се вметнуваат и промени во наставните програми и особено да се обрне внимание на методската и практичната настава на идните студенти – изјави проф. д-р Елизабета Пандиловска, раководител на Институтот за предучилишно воспитување при Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје.