Влијанието на ковид 19 врз образованието

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, Факултетот за безбедност во Скопје и Американското катче во Скопје организираа онлајн дискусија на тема „Влијанието на ковид 19 врз студирањето“.

На оваа тема дискусија имаа професори, студенти, но и проф. д-р Кирил Барбареев од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Во рамките на неговото излагање професорот Барбареев истакна дека сега образованието ќе биде клучно во натамошниот развој и закрепнување на општествата. Професорот Барбареев истакна пет моменти кои би биле најзначајни за образованието во иднина.

- Веројатно е дека ќе има најмалку пет работи кои ќе им се случат на сите образовни системи. Првото нешто е дека ќе се намали интересот за студирање во странство. За некои системи се поставува прашањето дали ќе преживеат. Втората работа е дека целата скепса која постои за онлајн учењето веќе нема да може да се негира. Сите факултети и универзитети ќе мора да ги понудат своите можности за онлајн образование. Третата работа, на глобално и на локално ниво образованието мора да стане многу пофлексибилно во смисла на рокови, запишување и подвижност на студентите. Имаме крут систем од кој сега ги гледаме сите последици. Четвртата работа е дека сѐ помалку ќе се троши на несуштински трошоци. Многу ќе се намалат патувањата, а ќе се зголемат онлајн конференциите. И петтата работа, според мене, која мислам дека е клучна, конечно повеќе ќе се студира во локалните средини и тоа ќе претставува пресвртница во македонското образование и сериозно вложување во него. Ние немаме друга надеж ако не создадеме квалитетен образовен систем - истакна меѓу другото проф. д-р Кирил Барбареев.

На оваа онлајн конференцијата говорници беа: проф. д-р Марјан Ѓуровски - проректор на УКЛО и професор на Факултетот за безбедност во Скопје, проф. д-р Кирил Барбареев - професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Алек Ицев - менаџер за инженерство во Google, студентски лидери на УКИМ и УКЛО - Борјан Ефтимов и Дона Петрова, претставниците од Амбасадата на САД во земјава задолжени за образовна размена и алумни Газмент Илјази, за образование во САД Билјана Кузмановска-Тасетовиќ и Никола Данев - дипломиран на Универзитетот Колумбија во Њујорк. Учествуваа студенти од УКЛО и УКИМ.

 

Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…