Дел од темите на оваа Конференција беа и придобивките за домашните и за странските студенти од интернационализација на високото образование, а имаше и неколку работилници кои се однесуваа на креирање на политики за обликување на високото образование и меѓукултурно разбирање на различните високообразовни институции.
Универзитетот „Гоце Делчев“ на оваа Конференција беше претставен од страна на актуелниот проректор за настава доц. д-р Кирил Барбареев и од претходниот проректор за настава проф. д-р Емилија Јаневиќ-Ивановска. Конференцијата се одржа во Словенија, а на неа присуствуваа експерти за високо образование од цела Европа.
- Интернационализацијата е повеќе од традиција и амбиција. Таа е потреба! Интернационализацијата во високото образование е повеќе од мобилност на студентите и професорите, таа е партиципација – учество во динамичниот свет во којшто живееме и рапиден развој на знаењето, креативноста и иновацијата. Таа е од круцијална важност за квалитетот во наставата, истражувањето и апликативната дејност. изјави доц. д-р Кирил Барбареев
Од Конференцијата произлезе и платформа со акциски план за 2015 – 2018 година што го усвоија присутните. Планот предвидува кодификација за практикување на докторските студии, односно начините на кои ќе се спроведуваат докторските студии и зголемување на нивниот квалитет. Понатаму планот предвидува надворешни ментори во докторските трудови, формирање на круг на експерти за евалуација на докторските трудови. Следната активност што се препорачува за универзитетите е анализа на истражувачките капацитети за докторски студии во регионот и анализа на финансиските капацитети на целиот регион. Следната активност е министерска конференција што треба да се одржи во 2016 година во Љубљана и во 2017 година во Подгорица.