- Благодарност до Домот на младите, бидејќи секогаш имаме поддршка за нашите активности. Оваа година, шеста година по ред, ги работиме детските колекции. Ова е инспирација за да ги примениме овие дизајни за детски капути. Сакавме да дадеме придонес за децата од прво одделение, да ја прикажеме азбуката на еден поинаков начин. Ја поставивме на текстилни дрвја кои се изработени од мебел штоф. Овие активности се со цел да им се помогне на дечињата и тие да учат преку други методи освен таблата. Ова е само шаблон за креација на детски капути.изјави доц. д-р Ванѓа Димитриева-Кузмановска, ментор на студентите од Технолошко-технички факултет
Денес овие модели беа поставени на изложба во Домот на младите, каде што студентите, наставниците од основните училишта во градот и дечињата имаа можност да ги видат моделите кои во иднина ќе ги користат во образовниот процес.
- Со професорката Ванѓа успеавме да реализираме еден производ од мебел штоф. Изработени се во форма на дрвја, затоа што дрвјата асоцираат на живот, на нов почеток кој најчесто се поврзува со најмалите. Нашите „дрвја“ се направени од материјал и се наменети за полесно учење и запознавање на азбуката во градинките.изјави Ивана Личева, студент на ТТФ
Присутните наставнички од основните училишта рекоа дека овој вид на помагала во образовниот процес ќе им помогнат на дечињата да ги совладаат основите на азбуката.
- Овој начин на изработка на азбуката кај нас би им помогнал на првоодделенчињата при користење на различни материјали, бидејќи работиме и по природни науки со различни материјали. Убаво ќе ја украсиме училницата со овие материјали. Главната цел е учениците прво визуелно да ја прифатат азбуката, а потоа и со пишување.вели наставничката Снежана Хилјадникова од ОУ „Тошо Арсов“
Интересно е што овој дизајн со кирилската азбука ќе се користи за изработка на детски капути, а идејата може да се прошири и во изработка на детски мебел и украси. Моделите на дрвја со азбуката ќе им бидат подарени на штипските основни училишта, а детските капути, откако ќе бидат изработени, ќе им бидат подарени на дечињата без родители.