Интервју со проф. Александра Милева: Интернет безбедноста е мој научен предзивик

1. Кои се некои од клучните моменти кои влијаеле во оформувањето на вашата кариера, од самиот почеток па до денес?

Уште кога во прва година средно го слушав предметот Информатика и кога почнавме да програмираме во програмскиот јазик Basic, а подоцна и Pascal, сфатив дека тоа мене ми е многу интересно и дека ми оди многу полесно од останатите мои сокласници. Да го натераш компјутерот само со неколку линии код да изврши одредена задача, беше нешто ново и забавно. Мојот прв проект во средно беше гатање со тарот карти, кои требаше да се исцртаат со тогашниот начин на програмирање.

Кога дојде време да се запишам на факултет, воопшто не се мислев за информатиката, единствено, сè до моментот на поднесување на документите за прием, се двоумев дали да студирам на Природно-математичкиот факултет или на Електро-техничкиот факултет во Скопје. Го избрав првиот факултет и никогаш не се покајав, бидејќи имав чест и задоволство да ми предаваат добри професори и асистенти и за информатичките и за математичките предмети, а многу од нив денес ми се драги соработници, колеги и пријатели.

Дипломирав како најдобар студент на Институтот за информатика и некако природно дојде да продолжам и на постдипломски студии. Работев како демонстратор на Институтот за информатика, а во исто време волонтирав подолго и на Рударско-геолошкиот факултет во Штип, каде беше и моето прво вработување. Иако на професионален план не можев многу да се надградувам на овој факултет, сепак овој колектив ме прифати одлично и секогаш ќе зазема посебно место во моето срце. Постдипломските студии малку ги развлеков, бидејќи во меѓувреме се омажив и родив две деца. Поради природата на работата, се запишав и на докторски студии по информатика, под менторство на проф. д-р Смиле Марковски, а докторирав во јануари 2010 година на тема „Криптографски примитиви со квазигрупни трансформации”. Кога во 2007 година стартуваше Универзитетот „Гоце Делчев”, природно ме префрлија на Факултет за информатика и еве од тогаш, па до денес работам на овој факултет.

2. Кои се вашите омилени теми за предавање? Зошто?

Живееме во времето на Интернет, кога целосно нè определуваат и нашите дигитални идентитети. Користиме електронска пошта, комуницираме преку апликации како Skype и Viber, споделуваме наши мислења, слики и ставови преку социјалните мрежи, читаме електронски весници, купуваме различни работи или резервираме хотели и летови преку веб апликациите, играме и учиме онлајн, ги прегледуваме нашите електронски банкарски сметки и извршуваме трансакции преку нив, со еден збор - Интернетот е навлезен речиси во секој аспект на нашиот живот.

Сепак ова не ни е дадено здраво за готово. Постојано сме изложени на најразлични активности на злонамерници и хакери. Секој ден се зголемува бројот на жртви на крадење на лични податоци и идентитет преку Интернет, крадење на броеви на кредитни картички, крадење на интелектуална сопственост, сајбер-насилство, сајбер-предатори, уцени и изнудување на пари, и сл. Нашите уреди, без да знаеме, може да бидат искористени како ботови за извршување на различни напади, хостирање на несакани содржини, ширење на злонамерен софтвер, испраќање на спам пораки и др.

Па затоа мојата омилена тема за предавање е токму безбедноста на човекот на Интернет, ризиците и ранливостите на кои е изложен, како и можностите за заштита. Студентите, па и сите други луѓе, треба да се запознаат со овие работи и да знаат што да прават или не прават во ситуации кога нивната безбедност и приватност се загрозени, или уште подобро, како да ги избегнуваат ваквите ситуации. Овие теми се дел од предметот „Безбедност на компјутерски системи“, затоа што прва линија на одбрана сепак е заштитата на компјутерските системи и мрежи.

3. На кои научни области сте сконцентрирани денес? Дали тоа се истите области што ви го привлекувале вниманието на почетокот на вашата кариера?

Покрај безбедноста на компјутерските системи и мрежи, уште од почетокот на моето студирање, особено ме интересира и криптологијата, стеганографијата и дигиталната форензика.

Криптологијата најпросто кажано, се занимава со дизајн и разбивање на различни видови на шифри, кои се користат за шифрирање на пораки. Кај криптологијата напаѓачот ја гледа пораката, но таа е шифрирана, и тој не може да добие никакви информации за пораката. Кај стеганографијата пораката не е шифрирана, но нејзиното присуство е скриено од останатите луѓе. Дигиталната форензика е науката која дава докази за да се откријат и затворат луѓето кои ги злоупотребуваат компјутерските и мобилните уреди, и кои се занимаваат со компјутерски криминал.

4. Дали мислите дека постои одреден тип на луѓе кои што се створени да бидат информатичари? Кои вештини им се потребни?

За да одговорам на ова прашање, треба да се разгледаат два аспекти. Ако ја гледате информатиката, а некои тоа и го прават, само како користење на готовите апликации, тогаш секој со доволно подготвителни часови ќе може да ги извршува поставените задачи.

Но, информатиката е наука, која спаѓа и во природно-математичкото и во техничко-технолошкото научно подрачје, па потребни се основи од повеќе природни и фундаментални науки како различни математички дисциплини, различни физички дисциплини и сл, за да истата се совлада. Инженерите информатичари треба да знаат да решаваат проблеми со користење на различни програмски јазици и  технологии, односно најпрво треба да знаат добро да програмираат. Мое мислење е дека не сите луѓе се способни да научат добро да програмираат. Сметам дека студентите на кои лесно им оди математиката и логичкиот начин на размислување, имаат најдобри шанси да научат добро да програмираат. Често решавањето на некој поставен проблем за информатичарите бара спој на математиката и информатиката. Сепак, има и доста примери на добри програмери, кои од различни прични не ја сакаат многу математиката.

5. Какви се, според вас, денешните студенти, во споредба со студентите во минатото?

Денешните студенти ги имаат сите предуслови за да учат и научат што сакаат. Покрај предавањата, вежбите и предложената литература, имаат пристап до сите извори на знаење, до онлајн курсеви и предавања од најдобри светски научници и професори, електронски книги и секаква стручна литература, онлајн кодови и туторијали.

Кога мојата генерација студираше на Институтот за информатика на Природно-математичкиот факултет во Скопје, имавме само една опремена компјутерска лабораторија, и учевме од постари книги и збирки, а понекогаш и од тетратките. Со други зборови, учевме најчесто од тоа што ќе ни го дадеа, без многу можност самите да најдеме дополнителна литература.

Сепак сметам, дека студентите тогаш повеќе се трудеа и се обидуваа самостојно да ги решат поставените проблеми и задачи, додека денес кога ќе им поставите некаква задача или проект на студентите, тие најпрво се обидуваат да ја најдат истата или сличната задача со решение на Интернет. Целта на таквите проекти е студентите сами да размислат и да дојдат до некакво, понекогаш и сосема ново решение, а Интернетот само да го искористат за учење на новите технологии или запознавање со проблемот.

Секогаш имало и ќе има студенти кои учат за знаење и студенти кои гледаат само да поминат на полесниот начин. За жал, првите ги има многу помалку.

6. Што за вас значи добар универзитетски професор?

Добриот универзитетски професор најпрво има многу знаење, но и вештини тоа знаење да го изложи пред студентите. Редовно држи предавања и во тек е со најновите трендови од неговата област, а неговите предавања постојано се осовременуваат. Тој е и научник, кој се труди да успее на меѓународната сцена, а не да пишува било какви трудови само за да му се бројат или да оствари поени. Пишува проекти и остварува соработка со други институции и со стопанството. Колегијален е и чесен, и кога пишува непреодна оценка, студентите се свесни дека тоа е поради нивно незнаење, а не поради нешто друго.

Добриот универзитетски професор има интегритет, и не може никакви дневнополитички притисоци и случувања да го поткупат или да го натераат да оди против самиот себе и сопствените ставови.

Не се плаши да го каже своето мислење кога е потребно!

7. Кои се, според вас, бенефитите на воведувањето на ЕКТС во студиите?

Главната бенефиција од воведувањето на ЕКТС во студиите, според мене е можноста на мобилност на студентите на други универзитети, без притоа да загубат време од сопственото школување.

Еразмус програмата за мобилност функционира веќе неколку години кај нас, и со неа нашите студенти може да имаат еден семестар настава на друг универзитет во Европа, а предметите што ќе ги слушаат и положат таму, им се признати и кај нас. Од неодамна, и студенти од други универзитети доаѓаат на УГД. На овој начин, студентите се запознаваат со нови средини и култури, и нови начини на предавање и студирање – едноставно, им се прошируваат хоризонтите. Исто така, ЕКТС овозможува студентите да го прекинат школувањето на еден универзитет, и со доволно кредити да продолжат на друг универзитет.

Сепак, сметам дека кај нас ЕКТС во студиите не се спроведува секаде најправилно - на пример, недостасува условеност на предметите во некои наставни програми.

8. Како успевате да им го задржите вниманието на студентите за време на вашите предавања?

Сметам дека современоста на темите кои ги предавам и обидите да ги објаснам работите колку што може повеќе на начин поблизок до студентите, имаат најголемо влијание за задржување на вниманието на студентите. Реалните примери и стории најмногу помагаат за таа цел. Мислам дека секој професор има и денови кога можеби не е расположен или има некакви проблеми, па верувајте, тоа сигурно се одразува и на квалитетот на предавањето.

9. Која е вашата порака до студентите?

Знаењето секогаш се исплатува! Верувам дека во животот на секој човек доаѓа време кога тоа што го знае, сепак ќе се исплати. Сите наши завршени добри студенти работат, и тоа работат на струката и добиваат надоместоци често многу поголеми од професорските плати. Затоа учете за да знаете, учете да можете да решавате проблеми и на работа и во животот, учете и надвор од факултетските содржини, читајте и надградувајте се и по завршувањето на факултетот!

Последен пат изменето на Петок, 11 Март 2016 14:25
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…