2. Кои се вашите омилени теми за предавање? Зошто?
На секое предавање се трудам да дадам максимален придонес, мотивирајќи и едуцирајќи ги студентите да се пронајдат себеси, да го развијам нивниот научно-истражувачки пристап кон различни теми од мојата област, без при тоа да бидам пристрасна кон едно или друго поле. Мојата област, цитологијата и цитогенетиката, е доволно широка да можам да понудам една широка палета од теми и можности за нивна едукација и развој. Сепак, моите омилени теми се од областа на генотоксикологијата, односно цитогените ефекти на различни екотоксиканти и полутанти врз организмот.
3. На кои научни области сте сконцентрирани денес? Дали тоа се истите области што ви го привлекувале вниманието на почетокот на вашата кариера?
Генотоксикологијата и екотоксикологијата воопшто, се области кои се посебно актуелни во последно време, од тој аспект се трудам на студентите да им укажам дека влијанието на различни агенси како полутанти присутни во нашата животна или работна средина, може да биде особено опасно и штетно, особено кога се работи за агенси кои имаат генотоксично дејство, односно својот ефект го остваруваат на клеточно или молекуларно ниво, со што последиците од истите не мора да бидат видливи веднаш, туку да се наследуваат и манифестираат во наредните генерации т.е во потомството. Отсекогаш, т.е од почетокот на мојата кариера ме привлекувале цитогенетиката, хистологијата и молекуларната биологија како области и од тој аспект се трудам на студентите по медицина, фармација и останатите стручни студии да им ја наметнам важноста од овие фундаментални дисциплини.
4. Дали мислите дека постои одреден тип на луѓе кои што се предодредени да бидат доктори? Кои вештини им се потребни?
Првиот предуслов за работа за секоја професија што се работи е да се сака да се работи или да се работи со љубов. Тоа е првиот услов да се вложете максимално себеси во она што го работите. Лично сметам дека не постојат луѓе кои се предодредени за една или друга професија, туку тие се создаваат во текот на својата едукација и доедукација. Она кон кое се стреми и УГД е доживотно учење, континуирана едукација како за наставниот кадар така и за студентите. Вложувањето во сопствената едукација и посветеноста во работата го препознаваат крајните консументи а тоа се студентите. Првичното мото на УГД е дека сите ние постоиме заради студентите и нивните потреби. Ова мото мене ме води уште од 2007 година кога започнав да работам на УГД и горда сум што сум дел од наствниот кадар на Факултетот за медицински науки и УГД воопшто. Мотото и желбата за едукација, постојаната соработка со млади и креативни луѓе како што се студентите, ги наметнува вештините кои ви се потребни за работа. А бенефитот од вашите вештини и посветеност ги чувствуваат студентите.
5. Какви се, според вас, денешните студенти, во споредба со студентите во минатото?
Во времето кога ние студиравме изворите за образование и истражување беа прилично ограничени или помали во споредба со сегашните ресурси на знаење. Имајќи ја во предвид ИКТ, денешните студенти имаат многу поголеми можности за учење и знаење, истражување и развој, да ја остваруваат својата креативност и да се реализираат себеси. Во тој контекст УГД нуди одлични можности за нивен развој, програми за студентска размена и меѓууниверзитетска соработка како и реализација на нивни практични активности како во земјата така и во странство. Од моите секојдневни контакти со студентите заклучувам дека студентите ги користат ваквите програми и се задоволни од она што го нуди УГД во целина.
6. Што за вас значи добар универзитетски професор?
Посветеноста и транспарентноста во работата, коректноста и комуникацијата со студентите, се основните начела кои се битни за секој универзитетски професор. Студентите тие вредности знаат да ги препознаат и да ги вреднуваат. Лично сметам дека како универзитетски професори не можеме да бараме од студентите да применуваат одредени начела и правила, ако ние самите не ги применуваме истите во пракса. Во тој контекст, јас верувам во критериумите на студентите како млади луѓе и секогаш тежнеам да ги слушнам нивните барања и размислувања како идеи кон одредени теми од наставата како процес.
Исто така лично сметам дека секој професор треба да се стреми кон континуирана доедукација и усовршување, да ги прати најновите достигнувања од својата област и да се надградува. Резултатите од својата работа да ги објавува во меѓународни престижни списанија, истите да ги презентира како на домашни така и на меѓународни когреси и симпозиуми. Објавата и презентацијата на сопствената научна мисла значи презентација на авторите и коавторите но, и на самиот универзитет во целина. УГД во последните неколку години нуди можност и подршка за апликација во проекти на сите професори и соработници. Учеството во тие проекти е бенефит за секој учесник во тие проекти, но и бенефит за самиот универзитет, затоа што објавувањето на резултатите од тие проекти значи и поголема видливост и напредување на самиот универзитет. Успешниот и добар професор мора да користи сите ресурси кои што ги нуди универзитетот и да се стреми во тие проекти да вклучува помлади соработници и студенти, со што успехот ќе биде заеднички.
7. Кои се, според вас, бенефитите на воведувањето на ЕКТС во студиите?
ЕКТС нуди можности за вреднување и експлицитно нумерирање на сите активности на студентот. Исто така самиот по себе им овозможува на студентите да ја следат наставата и на други универзитети, полесен трансфер и доедукација на други студиски програми и модули и во тој контекст примената на истиот на УГД, наполно го оправдувам и подржувам во прилог на студентите и нивна полесна мобилност и образование.
8. Како успевате да им го задржите вниманието на студентите за време на вашите предавања?
Примената на ИКТ во наставата, големиот број на ресурси на знаење и образование ни овозможува во текот на наставата да бидеме креативни, иновативни и интересни на своите предавања. Во тој контекст секогаш се трудам со слики, анимации, интерактивна настава да го задржам вниманието на студентите. Наставата не треба да биде монолог во кој професорот ќе ја предаде планираната тема, туку напротив процес во кој и професорот и студентите постојано ќе се надополнуваат, ќе дискутираат, за да на крајот самите студенти го креираат текот на наставата а професорот ќе биде само генератор. Колку успеавам во тоа како професор и дали успевам да го задржам вниманието на студентите, мислам дека треба да кажат самите студенти. УГД нуди можности со платформата на е-учење, е-библиотека и е-пошта, студентите да имаат пристап кон соодветни извори на знаење и да бидат во постојан контакт со своите професори, а своите забелешки и предлози да ги кажат за време на наставата.
9. Која е вашата порака до студентите?
На студентите сакам да им порачам максимално да ги користат сите можности, ресурси на знаење, програми и услуги кои ги нуди УГД и новото време. Да бидат континуирани во својата едукација и доедукација, да бидат креатори на наставата како процес и да ја изберат вистинската професија која во иднина сакаат да ја работат. УГД нуди широка палета на студиски програми во кои секој може да се пронајде и образува. Вистинскиот избор значи и понатамошна посветеност во работата, истрајност и мотивираност. Правилниот избор на сопствената професија значи и поквалитетен живот и вреднувано општество. Во тој контекст јас верувам во правилниот избор на студентите и нивното критичко мислење по одредени прашања во нашето општество и пошироко опкружување.