Моите лични афинитети кон книжевноста датираат уште од основното и средното образование, но морам да нагласам тука дека почетоците на мојот посериозен пристап во откривањето на тајните на науката за книжевноста јас ги лоцирам на постдипломските студии на Филолошкиот факултет во Скопје кога имав можност, а се разбира и чест, да ги следам предавањата на двајца професори од кои сум учел тогаш, но од кои учам и денес. Тоа се моите драги професори Атанас Вангелов и Венко Андоновски кои мошне инвентивно и несебично нè упатуваа во современите, модерните методи на истражување и во теоријата на книжевноста и во историјата на книжевноста и во книжевната критика. Сакам да ја истакнам тука посебно соработката со професорот Венко Андоновски, мојот ментор и за магистерската теза и за докторската дисертација, чии упатства и сугестии и денес ми се полезни и во истражувачката работа, но и во работата со моите студенти. Токму затоа, доаѓањето на Филолошкиот факултет во Штип, односно на нашиот Универзитет, јас го гледам како една логична последица од моето претходно десетгодишно искуство во истражувањата од областа на теоријата на книжевноста и современата македонска книжевност за што, секако, сведочат и бројните објавени трудови во разни научни и стручни списанија. Од друга страна, одржувањето на наставата пред нашите студенти денес ме мотивира, ме поттикнува, но и ме обврзува да ја продолжам таа лична надградба и во научноистражувачката и во наставно-образовната област.
2. Кои се Вашите омилени теми за предавање? Зошто?
Не сум убеден дека би можел да изделам некои теми (или методски единици, како што ние ги нарекуваме) за кои би кажал дека ми се повеќе „омилени“ од другите. Она што ме провоцира како наставник е постојаната потрага по најсоодветните методи за презентирање на конкретната материја пред студентите. Во една општа смисла, би рекол дека предизвик ми претставуваат оние сегменти од предметните програми, или теми како што велите вие, кај кои студентите наидуваат на сериозни потешкотии при нивното совладување. Најчесто, тоа се сегменти од областа на теоријата на книжевноста и за нив се изделува повеќе време на часовите по курсот Теорија на книжевноста. Во тој контекст, поволна е околноста што на Катедрата за македонски јазик и книжевност наставата се одржува со релативно мали групи од околу 15-20 студенти што овозможува дури и индивидуална работа со секој студент, па на тој начин се надминуваат тешкотиите при совладувањето на сложената и апстрактна материја од теоријата на книжевноста, односно од драматургијата, наратологијата и од теоријата на поезијата. Се разбира, успехот на студентите во совладувањето на материјата од предметните програми не е секогаш ист, односно се разликува од студент до студент и од генерација до генерација, а „вината“ за неповолните резултати не треба секогаш да ја лоцираме кај студентите, туку треба почесто да се осврнуваме и на нашите пропусти како наставници при одржувањето на наставата. Во таа смисла, за мене како предметен наставник е важно постојано да се трага по покреативни и поинвентивни начини за објаснување и за дообјаснување на нејаснотиите што останале кај студентите при совладувањето на материјата од конкретниот предмет, независно од тоа за која тема станува збор.
3. На кои научни области сте сконцентрирани денес? Дали се тоа истите области што Ви го привлекувале вниманието на почетокот од Вашата кариера?
Моето внимание уште од додипломските студии беше насочено особено кон теоријата на книжевноста и кон современата македонска книжевност, а преокупираноста со овие две области продолжи и за време на постдипломските студии, како и во текот на изработката на докторската теза. За среќа, уште со доаѓањето на Филолошкиот факултет тука во Штип, во 2009 година, бев ангажиран како асистент за предмети токму од тие области, а и денес како наставник одржувам предавања за курсеви што се однесуваат на теоријата на книжевноста и на современата македонска книжевност. Сето тоа значи дека денес со себе носам „багаж“ од безмалку дведецениско занимавање и со теоријата на книжевноста и со современата македонска книжевност ‒ период во кој се стекнати солидни знаења и вештини, но и период во кој сум можел „да ја согледам недогледноста“, односно бескрајноста на истражувачката работа во тие две области.
4. Дали мислите дека постојат одреден тип на луѓе кои се создадени да бидат лингвисти или книжевници? Кои вештини им се потребни?
Не мислам. Застапник сум на тезата дека афинитетот е одлучувачкиот фактор за тоа со што вие ќе се занимавате во вашиот живот. Ниту една научна дисциплина не е и не може да биде привилегија на „одреден тип на луѓе“. За тоа нема некакви предуслови коишто би произлегувале од карактерот, од средината, од генетските карактеристики на индивидуата. Треба да се има желба, но и да се вложи огромен труд за да се успее во некоја научна област. Вистина е дека работите со уметноста стојат малку поинаку ‒ потребно е таму да се има и дарба, талент, а не само желба, само афинитет ‒ но, кога станува збор за која било научна дисциплина, тогаш мора да се вложи огромна енергија за да се постигнат одредени резултати. Научноистражувачките и наставно-образовните вештини не се нешто што ви е „од Бога дадено“, туку тие треба да се стекнат, да се вежбаат, да се научат. Токму затоа велам дека тука одлучувачки фактор е напорот што ќе се вложи, а кога тој напор е континуиран, секојдневен, резултатите кога тогаш ќе дојдат сами по себе. Преку ноќ не се постигнува ништо ниту во една област, а особено не во која било научна или наставно-образовна област. Тоа, секако, важи и за оние што се занимаваат со лингвистиката или со литературологијата, односно со науката за книжевноста.
5. Какви се, според Вас, денешните студенти во споредба со студентите од минатото?
Мора да признаеме дека вртоглавиот развој на информатичката технологија, во една општа смисла, го промени начинот на живеење и особено начинот на работење во последниве неколку децении. Тоа, се разбира, носи со себе многу предности, многу поволности за сите нас, па во таа смисла и за студентите. Олеснети се во голема мера патиштата по кои се доаѓа до стекнување на нови знаења. И тоа е непобитен факт. Меѓутоа, треба да се биде многу внимателен со таквата „леснотија“, зашто како што вели професорот Андоновски во еден свој роман, „секогаш достапна информација не значи нужно и знаење“. Не можете вие една цела научна област да ја сведете на пет-шест клучни зборови та преку некој пребарувач на Интернет да може секој да научи сè за десетина минути! Не ја бива таа работа! Укажуваше на тоа поодамна и еден познат француски семиолог од бугарско потекло, Цветан Тодоров. А тука се и оние таканаречени „социјални мрежи“ кои на денешните студенти им служат многу повеќе за забава и за „губење време“ отколку за стекнување на некакви полезни знаења. Ваквиот „интернетски подем“, се разбира, многу влијае и врз начинот на учење на денешните студенти ‒ кај некои од нив, за жал, може да се согледа и тенденција да се стекнат обемни знаења за многу кратко време и со малку труд и напор. Во тоа ја согледувам основната разлика меѓу денешните студенти и студентите од „подалечното“ минато. Во ништо друго! И затоа сметам дека сите ние како наставници треба да вложуваме напори да ја менуваме таа ментална матрица кај некои од нашите студенти. Да им укажуваме на неопходноста од напорна, континуирана и долгогодишна работа во стекнувањето на солидни знаења за да бидат успешни во својата професија.
6. Што значи за Вас добар универзитетски професор?
Не би можел да изградам еден целосен профил на, како што велите Вие, „добар универзитетски професор“. Но, во секој случај, не треба да се лажеме или да се самозалажуваме! И универзитетските професори се обични луѓе коишто навистина носат со себе и многу доблести, но и по некој недостаток. Нема ништо идеално во светот, па така нема ни „идеален универзитетски професор“. Меѓутоа, има неколку базични параметри што, според мене, треба да ги исполнува секој наставник, а тоа се однесува и на универзитетските професори. Пред сè, секој од нас како наставник во високото образование треба да поседува многу солидни знаења од својата област, но и умешност да им ги пренесе тие знаења на студентите на најсоодветниот, јас би рекол на наједноставниот начин. Не е лесно секогаш да се постигне тоа. Од друга страна, сметам дека универзитетскиот професор треба да носи во себе високи морални вредности што ќе им ги пренесува на идните генерации. Со ваквите карактеристики наставникот треба да биде добар пример на којшто ќе се угледуваат студентите ‒ и на зборувањето, но и на однесувањето на професорот. Зашто не е доволно на студентите само да им се кажува, туку треба и да им се покажува. Одговорноста наша како високообразовни наставници е огромна, затоа што работиме на професионално профилирање на млади генерации кои утре ќе го понесат товарот на развојот на нашето општество.
7. Кои се бенефитите од воведувањето на ЕКТС во студиите?
Кажано е веќе многупати дека основната цел на воведувањето на ЕКТС во високото образование во Република Македонија пред повеќе од една деценија е полесното интегрирање на нашите студенти и на нашите кадри во еден унифициран европски високообразовен и воопшто општествен систем, овозможувањето на мобилноста на студентите, како и, во една поопшта смисла, трасирањето на патот за членство на нашата држава во Европската унија. И во таа смисла, бенефитите за нашите студенти, но и за сите граѓани од нашата држава се големи и веќе се видливи. Но, практикувањето на овој високообразовен систем кај нас во временски период од безмалку деценија и пол бездруго покажало и одредени недостатоци на тој систем во однос на неговото поцелосно адаптирање кон спецификите и потребите на македонското општество. Затоа сметам дека е време во Македонија да се отвори една долга и сериозна сеуниверзитетска јавна дебата во која ќе се искажат ставовите и искуствата на високообразовната фела од сите универзитети за позитивните и за негативните страни на Единствениот кредит-трансфер систем во високото образование кај нас. Од една таква повеќегодишна сериозна и објективна дискусија бездруго ќе произлезат плодотворни сугестии коишто ќе бидат основа за насоките по кои треба и натаму да се одвиваат реформите во нашето високо образование. Зашто постои едно општо правило дека она што е добро секогаш може да биде и подобро. Можеби многумина ќе имаат некаков приговор во врска со синтагмата „повеќегодишна дискусија“ или „повеќегодишна јавна дебата“, но сметам дека не треба да се брза. Уште еднаш сакам да нагласам дека преку ноќ не се постигнуваат успеси и не се создаваат вистински вредности. Треба напорно, трпеливо и континуирано да работиме сите на подигнувањето на квалитетот на високото образование во нашата држава.
8. Како успевате да им го задржите вниманието на студентите за време на Вашите предавања?
Педагозите и методичарите на наставата многу често ја нагласуваат неопходноста од креативно, инвентивно мотивирање и поттикнување на студентите за да се заинтересираат за предметот за кој им зборувате како наставник. И вистина е дека постојано и макотрпно треба да се изнаоѓаат нови патишта за мотивирање и за поттикнување на студентите на секој час одделно. За среќа, областа во која јас работам, книжевноста, нуди широки можности и за мотивирање и за поттикнување, но и за провоцирање на студентите. За успешен го сметам часот на кој студентите биле испровоцирани не само да дискутираат, ами и да полемизираат во врска со некое прашање од конкретната тема. Пасивноста, односно „молчењето“ на студентите во текот на предавањата треба да ни биде автентичен показател за тоа дека не сме го избрале најсоодветниот начин за презентирање на конкретната методска единица. И затоа во целост се согласувам со тврдењето дека онолку колку што студентите учат од нас, толку и ние како наставници треба да учиме од нив, од нивниот „одговор“, од нивната реакција, што доаѓа како релевантен валоризирачки суд за успехот или, не дај Боже, за неуспехот во нашата работа.
9. Која е Вашата порака до студентите?
Да учат. Да седнат и да учат. Нема друго! Напорно и упорно да се изградуваат и надградуваат во личности со сопствен идентитет заснован врз многу знаења, вештини, способности и високи морални вредности. Но, да учат со разбирање, а не напамет. Учењето со разбирање ќе им донесе знаења и вештини што се стекнати еднаш, а остануваат засекогаш. Таквиот начин на учење ќе ги облагороди и со лична сатисфакција, но и ќе создаде од нив вистински професионалци со големи можности за натамошни успеси од што полза ќе имаат и тие, и нивните најблиски од семејството, но и пошироката заедница, односно државата.