Отсекогаш сакав да студирам јазик, односно да завршам Филолошки факултет - Англиски јазик. Но, периодот на транзиција беше пресуден за моето образование. Кога завршив средно образование се затвори комбинатот „Македонка“, каде што работеа моите родители, па така, од финансиски причини, јас морав да останам да студирам овде, во родниот град. Го избрав Рударско-геолошкиот факултет, затоа што мислев дека е подобро да бидам инженер. И уште во првиот семестар сфатив дека не сум погрешила во изборот. Геологијата е една прекрасна наука во која секогаш наоѓаш нешто ново да прочиташ и да научиш. Имав чест и задоволство да ми предаваат професори и асистенти кои беа навистина врвни стручњаци од областа на геологијата. Денес, истите тие ми се драги колеги и пријатели. Дипломирав на Катедрата за геологија и геофизика и продолжив на постдипломски студии. Работев како волонтер на Рударско-геолошкиот факултет, односно на Катедрата на којашто дипломирав, каде што секој ден сѐ повеќе се надградував. По тригодишно волонтирање бев примена како помлад асистент. Постдипломските студии малку ги развлеков, бидејќи во меѓувреме се омажив и родив две деца, така што магистрирав во 2009 година. Поради природата на работата се запишав и на докторски студии по геофизика под менторство на проф. д-р Тодор Делипетров, а докторирав во мај 2014 година на тема „Дефинирање на корелационата зависност помеѓу сеизмичкото и магнетното поле - модел за Република Македонија”. Така, од јануари 2005 година, па до денес работам на овој факултет.
2. Кои се Вашите омилени теми за предавање? Зошто?
Предавам предмети од областа на геофизиката. Геофизиката е една многу интересна наука која е поделена на повеќе гранки. Секоја од нив се занимава со проучување на различните полиња на Земјата, како што се магнетното, електричното, термалното итн. Бидејќи тие се дел од нашата Земја, секогаш се интересни за проучување и предавање на студентите. Но, исто така, геологијата како наука ми е неизбежна тема на предавање.
3. На кои научни области сте сконцентрирани денес? Дали тоа се истите области што Ви го привлекувале вниманието на почетокот од Вашата кариера?
Па, денес, најмногу се занимавам со проучување на геомагнетното и геоелектричното поле. Би сакала да се посветам и на останатите, но во моментов не поседуваме опрема за тие мерења. Се надевам дека во блиска иднина ќе се формира Геомагнетната опсерваторија, која како проект веќе постои на Универзитетот, па на тој начин ќе имаме можност повеќе да се занимаваме со геофизичките методи.
4. Дали мислите дека постојат одреден тип на луѓе кои се создадени да бидат инженери-геолози? Кои вештини им се потребни?
Геологијата е една многу интересна и комплексна наука, која спаѓа и во полето на техничко-технолошките и во природно-математичките науки. Геологијата што се изучува кај нас е од аспект на истражувањето на минералните суровини. За да биде некој инженер-геолог не му се потребни некои посебни вештини. Само треба да сака да ја изучува геологијата и сето она што е поврзано со неа. Но сепак, за да бидат добри инженери треба да имаат познавања од математиката и физиката како фундаментални науки.
5. Какви се, според Вас, денешните студенти во споредба со студентите во минатото?
Денешните студенти ги имаат сите предуслови за да учат и научат што сакаат. Покрај предавањата, вежбите и предложената литература, имаат пристап до сите извори на знаење, до онлајн курсеви и предавања од најдобри светски научници и професори, електронски книги и секаква стручна литература. На интерент може да се најде сѐ што е потребно за да научиш. Кога јас студирав на Рударско-геолошкиот факултет немавме книги по сите предмети, па затоа моравме да пишуваме на предавањата. Доколку имаше литература по некој предмет таа беше на српски јазик. На кратко, учевме најчесто од тоа што ќе ни го дадеа, без многу можности сами да најдеме дополнителна литература. Сепак, сметам дека студентите тогаш повеќе се трудеа и се обидуваа самостојно да ги решат поставените проблеми и задачи. Денес студентите се далеку помалку заинтересирани нешто сами да решат. Кога ќе им поставите некаква задача или проект тие најпрво се обидуваат да ја најдат истата или сличната задача со решение на интернет или да најдат некој кој ќе има ја реши. Целта на таквите проекти е студентите сами да размислуваат и да дојдат до некакво, понекогаш и сосема ново решение, а интернетот само да го искористат за учење на новите технологии или запознавање со проблемот. За жал, сѐ помалку има студенти кои навистина сакаат сами да се потрудат да решат поставен проблем или задача. Секогаш имало и ќе има студенти кои учат за знаење и студенти кои гледаат само да поминат на полесниот начин. За жал, првите ги има многу помалку.
6. Што за Вас значи добар универзитетски професор?
Добриот универзитетски професор треба да има многу знаење, односно познавање на областа што ја предава, но треба да поседува и вештини тоа знаење да го пренесе, или изложи, пред студентите. Треба редовно да држи предавања и вежби и да биде во тек со најновите случувања од неговата област. Тој е и научник, но пред сѐ колегијален и чесен, и кога пишува непреодна оценка, студентите се свесни дека тоа е поради нивно незнаење, а не поради нешто друго. Добриот универзитетски професор има интегритет и него не може да го поткупат или да го натераат да оди против себе и сопствените ставови.
7. Кои се бенефитите од воведувањето на ЕКТС во студиите?
Главната бенефиција од воведувањето на ЕКТС во студиите е можноста за мобилност на студентите на други универзитети, без притоа да загубат време од сопственото школување. Таква е програмата за мобилност Еразмус, која веќе неколку години функционира и кај нас.
8. Како успевате да им го задржите вниманието на студентите за време на Вашите предавања?
Темите што ги предавам се доста интересни и начинот на којшто се трудам да ги објаснам работите колку што може поедноставно и поблиску до студентите имаат најголемо влијание за задржување на вниманието на студентите. Реалните примери и стории најмногу помагаат за таа цел. Секој професор има денови кога не е расположен или има некакви проблеми, па тоа се одразува и на квалитетот на предавањето.
9. Која е Вашата порака до студентите?
Без знаење како да си половина човек. Јас верувам дека во животот на секој човек доаѓа време кога тоа што го научил ќе му се исплати. Скоро сите наши студенти кои дипломираа на геологија или работат на струката и добиваат плати и надоместоци, често многу поголеми од професорските плати. Затоа не губете го времето залудно, студирајте и учете за да знаете, учете да можете да решавате проблеми и на работа и во животот, учете и надвор од факултетските содржини, читајте и надградувајте се и по завршувањето на факултетот, само така ќе бидете успешни и ценети граѓани!