Проект за поголема вклученост на студентите во спортски активности

Универзитетот „Гоце Делчев“, преку Универзитетскиот спортски центар, започнува со нов проект и активности поврзани со мотивацијата на студентите за вклучување во физичка активност и спорт.

Проектот „Te(a)ching Sport“ како дел од програмата ЕРАЗМУС + има за цел да ги мотивира студентите од шест различни држави за активно вклучување во спортски активности и следење на ефектите од истите преку примена на иновативни технологии.
Во насока на зголемување на интересот за спорт и физичка активност кај студентите, планирана е имплементација на мобилна апликација која во реално време ги следи функционалните и моторичките перформанси на лицата вклучени во активноста, давајќи сугестии за интензитетот на следните активности согласно со индивидуалните можности и следење на индивидуалниот напредок. Примената на оваа апликација ќе биде достапна на сите студенти од УГД кои ќе покажат интерес и желба за вклучување во активности. Покрај следењето на ефектите од примената на наведената апликација, предвидени се бројни активности, работилници и спортски натпревари за промоција на спортот и физичката активност во сите земји партнери во проектот.

Покрај Универзитетот „Гоце Делчев“, како партнери во проектот се вклучени: Одделот за спорт на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“  (Р. Бугарија), како носител на проектот, Универзитетот во Виена (Австрија), Универзитетот на Западна Унгарија (Унгарија), Фондацијата за млади во науката и бизнисот (Естонија) и Универзитетот во Рејкјавик, конкретно Асоцијацијата за соработка во областа на истражувањата и иновациите „Krefjandi“ (Исланд). Првата средба на која беше промовирана мобилната апликација се одржа во Софија во организација на Одделот за спорт на Софискиот Универзитет во периодот од 23 до 25 јануари 2017 година. На истата учествуваа претставници од Универзитетот „Гоце Делчев“ и Универзитетскиот спортски центар.

Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…