Студенти од ФТБЛ во посета на Кулинарската академија во Софија

На 3 и 4 февруари студенти од Факултетот за туризам и бизнис логистика, од насоките кои се изучуваат во Штип и во Скопје, беа во посета на Кулинарската академија во Софија, Република Бугарија. Оваа Академија поседува одлична база која зафаќа површина од 2.500 м².

Покрај кулинарската библиотеката, компјутерската лабораторија и амфитеатарот, Академијата располага со три ресторани и шест кулинарски лаборатории: чоколадна фабрика со 3D печатач за чоколада, винарија, топла и ладна кујна, опремени со најсовремена технологија. Професорите кои предаваат во Академијата се професионалци со големо искуство од Европа, Канада и од САД. Студентите кои се обучуваат на оваа Академија доаѓаат од најразлични земји во Европа, Африка, Блискиот Исток и САД.

При посетата, студентите од ФТБЛ имаа можност да готват заедно со нивните колеги и професори, а темата која беше разработена се однесуваше на молекуларната гастрономија во слаткарството, каде што се користеше течен азот во кулинарското производство. Исто така, тие го посетија ресторанот „Таленти“ и дегустираа современи јадења. Ресторанот е сопственост на Кулинарската академија, а во персоналот и во управувањето се вклучени студентите. Во ресторанот се поставени монитори преку кои клиентите можат да го следат приготвувањето на јадењата во кујната, а ентериерот во ресторанот е со фотографии и мотиви од студентите.

Посетата им даде можност на студентите од ФТБЛ да разменат контакти, мислења и да дискутираат на теми поврзани со гастрономијата со предавачи од Кулинарската академија. Студентите на оваа посета беа водени од проф. д-р Нако Ташков, доц. д-р Дејан Методијески и д-р Оливер Филипоски, кои, исто така, воспоставија контакти за идна соработка со Кулинарската академија, мобилност на наставничкиот кадар и студентите, изработка на заеднички проекти, размена на литература и останати активности.

Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…