- УГД одбележува 30 години од постоењето на Еразмус плус програмата, а воедно ова е и Европска недела на младите, која се одбележува насекаде низ Европа. Затоа ние организираме Отворен ден на Еразмус плус програмата и заедно со досегашните и оние студенти кои допрва ќе заминат преку програмата да ја презентираме пред студентите, да ги споделиме сите корисни информации што ги нуди Европската комисија, а се наменети за младите. УГД веќе пет години успешно ја реализира оваа програма. Повеќе од 150 студенти заминаа на европските универзитети со кои ние имаме склучено договори, а моментално подготвуваме 40 нови договори каде што студентите од септември ќе заминат на размена. И сега имаме сто нови договори, тоа се сто нови универзитети со кои во иднина ќе можеме да работиме и да остваруваме не само младински и студентски размени, туку и успешни проекти. Како универзитет можеме да се пофалиме со четири Еразмус проекти на кои сме организатор институција и два проекта од кои еден е директно аплициран во Европската комисија и ќе се реализира во наредните две години. Моментално од странство, од неколку европски држави, имаме 9 студенти на Еразмус плус размена, а вкупно околу 25 студенти во последните две години биле на УГД. Исто така, 40-тина студенти престојувале и предавале на УГД преку програмата – изјави м-р Сања Стефанова од Центарот за меѓууниверзитетска соработка.
Најмногу интерес, според Стефанова, има од Факултетот за медицински науки, Факултетот за информатика, Електротехничкиот факултет, Факултетот за туризам и бизнис логистика, а од овој семестар се подготвуваат апликации и за студенти на Музичката и на Ликовната академија. Програмата е отворена за сите студенти, и тоа не само од прв, туку им од втор и трет циклус студии. Европската комисија од оваа година нуди и можност за студентите кои ќе заминат на студирање во некој од европските универзитети да можат легално да работат 4 часа или пак летото да заминат на пракса во некоја институција.