- Сакаме да ви кажеме дека Универзитетот во моментот е препознаен како институција која најдобро ја реализира оваа програма во државата. Нашиот Универзитет, Универзитетот „Гоце Делчев“. Сто проценти од програмата е реализирана. Благодарение на таа реализација, оваа година 80 студенти ќе добијат можност за посета на некој универзитет. Во моментот Универзитетот има 190 договори со универзитети во Европа, само во оваа година 66 нови договори. УГД во оваа година добива 600 илјади евра, за вас студентите, кои можете да ги искористите, да заминете месец, два, три и повеќе, и да се вратите назад. Сите факултети ќе ја имаат можноста, сите студенти имаат право да конкурираат. Јас сакам да ве поддржам во намерата што ја имате и да учествувате во Еразмус програмата. Пасошот и индексот не се документи за во еден правец, појдете, вратете се и подобрете го нивото на квалитетот во државата во која ќе работите и ќе живеете – изјави проректорот за настава на УГД, проф. д-р Кирил Барбареев.
М-р Сања Стефанова од Канцеларијата за меѓууниверзитетска соработка пред студентите го презентираше Конкурсот за Еразмус плус за 2017/2018 година, со охрабрување за сите студенти да аплицираат и да учествуваат во програмата, и со комплетна поддршка од Канцеларијата, како и од Универзитетот „Гоце Делчев“.
- Потребно е елементарно познавање на англискиот јазик, а важно е дека за оваа програма не бараме студентот да има висок просек. Во однос на финансиите, студентите кои ќе бидат примени во програмата добиваат и стипендија во висина од 450 до 500 евра месечно, од кои 70% се исплаќаат пред заминување, а останатите по враќање и приложување на сертификатите од престојот на друг универзитет. На универзитетите каде што ќе престојувате ќе бидете сместени во студентски домови. Конкурсот е во тек, во функција е и нашата веб-страница. Нашата Канцеларија е во Кампус 2 и сме на располагање за сите прашања кои ви се нејасни, како и за помош при пополнување на апликациите, избор на универзитет каде што би сакале да заминете или пак за пракса во која било реномирана институција или фирма во Европа – им порача на студентите м-р Сања Стефанова.
„Еразмус плус освежување“ продолжи со презентација на искуствата на студенти кои биле на размена, а заврши со музички концерт на отворено и неформално дружење на студентите.