Со свои трудови и презентации на конгресот учествуваат студенти од факултетите за медицински науки во Република Македонија и студенти од Ниш (Р. Србија). Освен презентираните трудови, посебен белег на овој конгрес му дава податокот дека студентите учествуваа во огромен дел од неговата подготовка.
- Во организацискиот одбор сме вклучени дваесетмина студенти, а на конгресот учествуваат 250-300 студенти. Имаме гости од Медицинскиот факултет во Ниш, потоа студенти од Скопје, од Тетово и од нашиот факултет при УГД. Студентите се претставуваат со усни и со постер презентации. Се надеваме дека сите заедно, едни од други, и од нашите професори и асистенти, ќе се стекнеме со нови знаења – изјави Љубица Прошева, студентка на Факултетот за медицински науки при УГД и учесничка на конгресот со своја презентација.
Од Медицинскиот факултет во Ниш учествуваат десетина студенти, придружени од нивните професори проф. д-р Саша Станковиќ, професор на насоката Протетика, и проф. д-р Александар Митиќ, продекан на насоката Стоматологија на Медицинскиот факултет во Ниш.
- Ние имаме одлична соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ и Факултетот за медицински науки. На овој Конгрес учествуваат десетмина наши студенти. Се надевам дека во иднина нашата соработка ќе се прошири и на други нивоа. Ова ќе биде почеток на меѓустудентска соработка, што исто така ми е многу драго, и сметам и се надевам дека соработката ќе продолжи – изјави проф. д-р Александар Митиќ.
Доц. д-р Киро Папакоча од насоката Дентална медицина на Факултетот за медицински науки при УГД го потенцира значењето на присуството на стоматолошките факултети од Македонија и од Србија на овој дводневен Конгрес, како и големиот интерес пројавен од страна на студентите за учество.
- Во овие два дена ќе размениме искуства и знаење, а младите колеги ќе можат да ги применат понатаму во секојдневната пракса. УГД има склучено договор со повеќе универзитети надвор од Република Македонија. На тие универзитети има и повеќе стоматолошки факултети, со тие факултети имаме директна соработка, како во размена на кадар, така и во размена на студенти.
Конгресот се одржува на 28 и 29 март во Мултимедијалниот центар на УГД.