Прв конгрес на студентите по општа медицина на УГД

Првиот конгрес на студентите по општа медицина на Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“, кој се одржува на 9 и 10 мај во Мултимедијалниот центар на УГД, е еден многу важен момент за Универзитетот, за ФМН, како и за студентите кои покажуваат колку е важна нивната иницијатива за организирање на вакви настани. Тоа е оценка која ја делат и ректорот на УГД, деканот на ФМН и останатите професори.

- Ова е еден многу важен момент за УГД. Тоа е прв Конгрес на студентите по општа медицина, значаен настан во поглед на афирмацијата на она што го работат студентите во текот на нивното студирање, во делот на нивната соработка со други факултети и, во секој случај, претставување на сѐ она што го знаат и го стекнале досега во текот на едукацијата на овој наш значаен факултет кој располага со исклучителни можности за студирање. Мислам дека е добра можност студентите да видат што се работи на овој факултет, што се продуцира и дека се добива диплома која се верификува секаде во светот – изјави ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.

За деканот на ФМН, проф. д-р Рубин Гулабоски, овој Конгрес е пример на целосната автономија на студентите:

Студентите преку својата Организација на општа медицина сами ги организираа сите настани, ги осмислија, влегоа во ситуација да покажат и општествена одговорност во Штип, со сите акции кои ги спроведуваат овие четири дена, со мерење на шеќер во крвта, со мерење на крвен притисок, покажаа дека се мотивирани, дека се амбициозни, имаат знаење и сакаат да помогнат. Едноставно, ова е автономијата која ние ја замислуваме – дајте го управувањето во рацете на студентите, да видите дека има огромно знаење во нив, има потенцијал во кој треба да се вложи да се искористи. Многу често она што го гледаме досега се само декларативни заложби од некои кои се на повисоки функции кои цело време кажуваат дека имаат недостаток од доктори, дека ни бегаат нашите, но во реалноста многу малку се грижат за нивниот потенцијал да излезе на површина и да го добијат местото што го заслужуваат. Ова е една единствена можност сите да видиме во каква насока се одвива и науката, и наставата на нашиот факултет, кој е најголем во Македонија.

Студентите го организираа целиот Конгрес, а како раководител и иницијатор од страна на професорите се јави проф. д-р Вело Марковски, кој вели дека целта е покрај образованието и знаењето што им се пренесува на студентите да се мотивираат да се вклучат во истражување, во научноистражувачката работа.

Мислам дека ова е успешно, бидејќи повеќе од 7-8 месеци се подготвуваат трудовите. Имаме повеќе од 140 трудови, од кои 40 ќе бидат усни презентации. Многу е важно што Организацискиот одбор побара трудовите да бидат од сопствени истражувања, да не бидат само од литература, иако и тоа е признато како наука, меѓутоа сакавме да ги внесеме во вистинското истражување, така што повеќето трудови се влезени по болниците, по одделенијата, по епидемиолошките заводи и ќе ги видиме резултатите од тие истражувања – изјави проф. д-р Вело Марковски.

Студентите изразија благодарност за поддршката од Факултетот за медицински науки, како и од Универзитетот, а очекуваат дека трудовите ќе си добијат свое значење со објавување во соодветни публикаци.

Очекуваме трудовите да бидат објавени во книга со апстракти, која ќе биде објавена во репозиториумот на УГД. Инаку ние сме задоволни и од акцијата за мерење на шеќер во крвта и крвен притисок за граѓаните на Штип. Досега кај нашите студенти на пунктовите се појавиле околу 1000 граѓани и на тој начин се оствари одлична комуникација на студентите и граѓаните – изјави претседателот на Организацискиот одбор на Конгресот, студентот Александар Лонгуров.

Презентациите се реализираат во просториите на Мултимедијалниот центар на УГД, како и во предавални на Економскиот факултет, во двата дена – 9 и 10 мај.

Последен пат изменето на Среда, 09 Мај 2018 15:16
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…