Во рамките на посетата се разгледаа можностите за соработка и реализација на проекти и научни истражувања, како и за улогата на УГД во формирањето и развојот на Бизнис-иновацискиот центар во Струмица. Според генералниот директор на ФИНОВА, Хуан Мануел Ревуелта, треба да разбереме дека живееме во глобален свет во кој ни се потребни сѐ повеќе и повеќе иновации, нови млади таленти со нови иновации:
- Во таа насока, Универзитетот треба да помогне да се идентификуваат млади талентирани луѓе кои ќе учествуваат и ќе знаат како да придонесат во менувањето на општеството. Ние веруваме во учење со пракса и разговараме со Универзитетот, бизнис секторот, локалните власти во Струмица, како да ги идентификуваме талентираните млади од Струмица, на пример во земјоделието, и најдобрите од најдобрите да ги донесеме во Брисел, и да ги обучиме како да конкурираат и да ги применат европските фондови за регионот, како да подготват вистински, квалитетни проекти и да промовираат конкурентност во земјоделскиот сектор. Со Универзитетот ќе соработуваме во областа на агрикултурата, храната и земјоделието и се надеваме на одлична соработка и квалитетни проекти – изјави Хуан Мануел Ревуелта.
Од страна на претставниците на УГД беа презентирани капацитетите и можностите на Универзитетот што може да се стават во функција на вакви проекти, што е и една од определбите на УГД во поглед на поддршка на развојот на стопанството, иновациите и зајакнувањето на врските на образованието и бизнис секторот.