Предавањата беа во рамките на Едукативен медицински семинар, организиран од Факултетот за медицински науки, на теми „Advances in Interventional Cardiology“ и „The top 10 things every new GP should know“. Во организацијата на семинарот активно се вклучија и студентите на ФМН.
- Овој настан е организиран од нас студентите, помогнати од нашиот факултет и деканот Рубин Гулабоски. Целта е подобро да се запознаеме со докторите кои ни одржуваат и практична настава во болницата во Штип. За нас од клиничките години на факултетот ова е особено важно за да си го усовршуваме своето знаење, особено практично, да имаме различен пристап кон пациентите, како и да се соочиме со тоа што нѐ очекува во иднина во нашата пракса. Нам ни е задоволство да организираме вакви настани и се надеваме дека ќе има уште, со помош од нашиот факултет – изјави Марија Кондева, студентка во петта година на Општа медицина на ФМН.
Д-р Тимоти Гол е професор од Питсбург, Пенсилванија, и е дел од проектот за медицинска едукација. Тој изрази задоволство од соработката со деканот Гулабоски, Факултетот за медицински науки, како и со директорот на Клиничка болница во Штип д-р Ален Георгијев.
- Денеска на студентите им предавам за тоа како да бидат подготвени кога ќе дипломираат за да им понудат најдобра нега и грижа на пациентите. Со студентите имаме можност да работиме и во реални услови во болницата и таму им пренесуваме знаења како да постапат со пациентите, како да донесуваат одлуки, што е следното што треба да се преземе. Задоволен сум од студентите на УГД, сакаат да учат, гладни се за учење и задоволство е да им се помогне она што го научиле да го применат во пракса – изјави д-р Тимоти Гол.